Ентони Албанезе заедно со неговата свршеница, Џоди Хејдон, и неговиот син, Нejтан
Вториот термин на лабуристите е со убедлива победа и кога ќе се пребројат сите гласови може да достигне повеќе од 90 пратеници во парламентот кој има 150
Откако повеќе од 18 милиони Австралијци гласаа минатава сабота, лабуристите после три години на власт се враќаат со уште поголем мандат и мнозинска влада во парламентот. Со оваа убедлива победа, после долго време Ентони Албанезе стана и првиот прајминистер кој останал лидер и победил на реизбор за втор мандат од 2004 година.
Лидерот на опозицијата, Питер Датон, претрпе катастрофален резултат, при што Либералната партија не само што изгуби многу парламентарци, туку и неговото изборно место во Диксон го загуби. Либералната партија сега ќе треба да избира и нов лидер по тешкиот пораз во кој се десеткувани.
Во својот победнички говор, Албанезе рече дека Австралијците немаат потреба од инспирација од странство, веројатно алудирајќи на влијанието на Трамп и американската политика врз овие избори.
„Мои сограѓани Австралијци, нацијата ја избраа Австралиската лабуристичка партија за своја влада, а нашата влада ќе го избере австралискиот начин затоа што сме горди на тоа кои сме и на сè што изградивме заедно во оваа земја.
„Не треба да молиме, позајмуваме или копираме од никаде на друго место. Ние не ја бараме нашата инспирација во странство. Ја наоѓаме токму тука, во нашите вредности и во нашите луѓе”, рече тој.
„Утре се посветуваме на вашата служба. Ја преземаме големата одговорност и можноста на владеење со гордост и цел, оптимизам и решителност, со вера во фер шансата за сите и вера едни во други, се враќаме на работата за градење на иднината на Австралија“, изјави Албанезе.