Австралија ретерираше и ја поништи одлуката на претходната влада со која беше признат западниот Ерусалим како главен град на Израел, наведувајќи дека статусот на градот треба да се реши низ мировни преговори меѓу Израел и палестинскиот народ.
Како што изјави министерката за надворешни работи, Пени Вонг, Австралија „секогаш ќе биде цврст пријател на Израел“. Посветена е на решение за две држави, каде Израел и идната палестинска држава коегзистираат во мир, во меѓународно признатите граници.
Владата повторно ја обврзува Австралија на „меѓународни напори во одговорната потрага за напредок кон праведно и трајно решение со две држави“, подвлече министерката.
Потегот на Австралија беше воодушевено поздравен од Палестинците.