Србија е најголем пријател на Република Македонија, а Бугарија најголем непријател – смета убедливо мнозинство од граѓаните според истражувањето на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ што традиционално го испитува раасположението на жителите во земјата за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата на граѓаните во државните институции. Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата “Брима“ од 12 декември до 27 декември 2022 година на репрезентативен примерок од 1.006 испитаници.
На прашањето која држава или меѓународна организација е најголем пријател на Македонија – 37% ја навеле Србија, втори на листата се САД со 11,4% а по нив се Турција so 8.4%, ЕУ со 8,1% и Германија со 4%. Дека земјата нема пријатели сметаат 11,6% од анкетираните. И претходните години, на повеќе истражувања Србија и Турција фигурираа како пријателски земји.
Интересно е што дури 42% од граѓаните сметаат дека има држава или меѓународна организација која е закана за Македонија… Од нив, со 27,4 % како најголема закана убедливо прва ја посочиле Бугарија, а втора е Русија со 4%.
Расте и скептицизмот кај македонските граѓани за влез во ЕУ. Анкетата покажала и дека поддршката за членство во ЕУ паднала на 49%, а драматично расте процентот на луѓето кои сметаат дека Унијата не ја третира Македонија соодветно… Дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ сметаат 29% од испитаниците, за разлика од 2021 година кога тоа мислеле 17%. 65% од испитаниците, или скоро третина повеќе во однос на 2021, сметаат дека ЕУ се однесува нефер, надмено и уценувачки, а процентот на луѓето кои односот на ЕУ го оценуваат како фер, пријателски и коректен паднал од 30, на само 17%.
Во однос на дилемата дали Северна Македонија во 2023 година ќе го промени Уставот и ќе ги продолжи преговорите со Унијата, резултатите покажуваат дека се води мртва трка. Позитивно одговориле 38% од испитаниците, додека негативен став имаат 39%. „Не знам“ – одговориле 21% од анкетираните, а 2% одбиле да дадат одговор.
Во истражувањето биле испитувани и ставовите за довербата во институциите. Слично како и на останатите анкети, традиционално најдобро котираат Армијата (39% доверба), религиозните заедници (32%) и полицијата (21%), по што следат невладините организации, претседателот, Народниот правобранител и Владата. Најмалку доверба граѓаните и оваа година имаат во обвинителството (7%) и судството (6%).
Испитаниците имаат негативно мислење за борбата против корупцијата во државните институции во земјата – 71% сметаат дека институциите неуспешно ја водат борбата против корупцијата.