Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, вели дека веќе се води Трета светска војна, притоа посочувајќи дека Балканот има 3 жаришта: Косово, Република Српска и Македонија. Сепак, Апасиев не очекува да дојде до реприза на 2001 година. Но, доколку дојде до такво сценарио, тој вели:
– Тргнувајќи од немирите или протестите за францускиот предлог, ми остана една епизода која го покажува степеност на зовриеност на Македонецот. Тоа беше ако ви текнува кога оној од ВЛЕН извади пиштол пред споменикот на Скендер бег, имаше еден Македонец кој го вклучи мобилниот телефон и му одеше директно, го снимаше и му одеше во очи, а тој го држеше пиштолот. Е до таму е степенот на зовриеност кај Македонците.
И таа невралгична точка „ќе ви се случи 2001“ – ајде бујрум нека се случи! Да видиме кој ќе го извлече подебелиот крај. Мислам дека нема да им дозволат да дојде до тоа зашто не им одговора. Дури и во такви околности на депонија на Европа и треба каква таква стабилност за тој бизнис, особено германско-австрискиот бизнис и капитал тука профитира. И мислам дека нема да дојде до тоа, ама ако дојде – тогаш ќе фатиме пушки како партизаните, да сме живи и здрави.
Значи такви закани не поминуваат. Геополитички се сменети работите. Помина времето кога, се сеќавате во конфликтот 2001, освен Украина и тогашниот проруски претседател што ни даде оружје, нашите стратешки партнери Американците и Европејците ни ставија ембарго на оружје. Зошто сега на Израел не му стават ембарго, кога прави масакри во Палестина и Либан? – вели Апасиев во интервју за „Фокус“.
Со амин на „патриотската“ ДПМНЕ, се спроведува тотална федерализација – Македонија ќе стане Швајцарија на Балканите!
Понатаму во интервјуто за „Фокус“ Апасиев вели дека проектот ЗНАМ и медиумскиот бојкот ја чинело неговата партија неколку пратеници минус. Левица на последните парламентарни избори не ја оствари проектираната предизборна цел за освојување на над 100.000 гласови, но успеа да го продолжи перманентниот раст од избори до избори, така што сега е застапена со 6 пратеници во законодавниот дом.
Притоа најавува дека на локалните избори за една година, целта им е да освојат градоначалници, па главната битка потоа да ја водат на следните парламентарни избори, кога очекуваат целосно да го потиснат СДСМ и да бидат главна политичка сила во левиот спектар. Но и директно да се пресметаат со ВМРО-ДПМНЕ, особено ако власта ги донесе уставните измени.
Според него уште во првите 100 дена од формирањето на новата влада станало јасно дека ВМРО-ДПМНЕ се „поголеми предавници од СДСМ, додека ВЛЕН се покажале поопасни од ДУИ“.
Говори дека се случува т.н. косоваризација на Македонија и бинационален грабеж, што, според него, оди кон сценарио државата полека да биде расцепкана.
– Патот на Западен Балкан кон ЕУ е затворен, бидејќи интересот на Европа е овој дел да служи како депонија каде што ќе се случуваат највалканите работи, тврди Апасиев за „Фокус“.