Архимандрит Нектариј, игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“ е годинашен добитник на највисоката општинска награда – патрон на градот „Свети Климент Охридски“, што Општина Охрид го доделува за долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во општествениот живот, а кои се од особено значење за градот и имаат голем придонес во неговиот развој, напредок и севкупна афирмација во државата и светот.
Наградата, како што истакна градоначалникот Кирил Пецаков кој го соопшти името на добитникот, му се доделува за долгогодишните остварувања и врвни достигнувања за време на неговиот повеќедецениски јеромонашки чин во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид.
– За неговото несебично залагање за возобновување на манастирот, кој прераснува во еден од најголемите духовни и културни бисери во Европа. За неговата истрајност во верата и помошта на верниците, за промоција на македонската црква, вера и промоција на културниот и верскиот туризам на Охрид во светски рамки, како и за севкупната афирмација на Охрид во Република Македонија и во светот, рече Пецаков.
Потсети дека со несебичното залагање на архимандритот Нектариј почнала целосна преродба на манастирот „Свети Наум Охридски“.
– Извршени се низа градежни зафати за изградба на нови манастирски конаци, камбанарии и параклиси, како и за уредување на сите црковни објекти. Извршено е оплеменување и партерно уредување на целиот манастирски комплекс. Благодарение на неговите заложби, во изминатите 30 години, мнастирскиот комплекс целосно го промени својот изглед, прерасна во прекрасен духовен центар на Охридското Езеро, вреден за восхит и огромна почит, подвлече Пецаков.
Архимандритот Нектариј, нагласи, по стапките на свети Наум Охридски, 41 година е монах и духовник на свештенството во Дебарско-кичевската епархија, како и на многубројниот верен народ на Македонската православна црква – Охридска архепископија. Редактор е на годишниот црковен алманах „Светиклиментово слово“ кој се публикува од 1990 година, учествува во превод на повеќе богослужбени книги кои денес верниците во храмовите на МПЦ-ОА ги слушаат на македонски јазик. Тој е и лектор на повеќе од 100 наслови кои се издадени од издавачката установа при Дебарско-кичевската епархија.