Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж (52), во средата излезе како слободен човек од судот на пацифичкиот остров Саипан, откако се изјасни како виновен за кршење на американскиот закон за шпионажа, по што му беше дозволено веднаш да замине за родната Австралија. Со ова се затвори 14-годишната правна сага во текот на која Асанж помина пет години во затвор во Лондон и седум години во еквадорската амбасада во Велика Британија, борејќи се против екстрадиција во САД, каде што беше баран за 18 кривични дела поврзани со објавување стотици илјади доверливи воени и дипломатски документи.
Саипан е остров во Пацификот (дел од Маријанските Острови) и е територија на САД а Асанж постигна договор со американското правосудство во врска со обвинувањата за шпионажа. За време на тричасовното сослушување тој ја призна вината по само една точка од обвинението – за заговор за добивање и објавување доверливи документи за американската национална одбрана:
-Работејќи како новинар, јас го охрабрував мојот извор да ми обезбедува доверливи документи, со цел да бидат објавени. Верував дека Првиот амандман ја штити таа активност, но прифаќам дека тоа беше кршење на законот за шпионажа, кажа Асанж.
Неговиот главен извор беше припадникот на американската армија Бредли Менинг, кој во меѓувреме беше осуден на 35 години затвор, го промени полот (сега е Челси Менинг) и беше помилуван(а) на крајот од мандатот на Барак Обама.
Окружната судијка Рамона Манглона го прифати договорот помеѓу Асанж и американското обвинителство, формално му изрече казна од 5 години и 2 месеца затвор и веднаш го пушти на слобода поради тоа што веќе ги отслужил во екстрадициониот притвор во Британија.
-Ние цврсто веруваме дека Џулијан Асанж никогаш не требало да биде обвинет според законот за шпионажа. Работата на „Викиликс“ ќе продолжи, изјави неговиот адвокат Бери Полак.
Асанж излезе од судот без да одговара на прашања, по што го напушти Саипан со приватен авион и одлета за Канбера. За чартер летот од Лондон до Саипан, а потоа и до Австралија, Асанж треба да плати самиот, што чинеше половина милион долари, па ќе започне кампања за собирање средства.
Како дел од договорот со американското министерство за правда, на Асанж му е забрането да оди во САД без дозвола, додека неговата сопруга Стела кажа дека ќе бараат помилување за него. Тие се венчаа додека тој беше во затворот „Белмарш“ во Лондон и добија две деца додека тој се криеше во амбасадата на Еквадор во Лондон.
Прајминистерот Ентони Албанезе изјави дека Австралија му дава помош на Џулијан Асанж. Потврди дека поранешниот австралиски прајминистер Кевин Рад патувал со г-дин Асанж заедно кога го напуштиле Лондон.
-Случајот се одолговлекуваше предолго, заклучи Албанезе.