Екипите на Атлетико Мадрид и Барселона ја завршија зделката околу трансферот на Мемфис Депај во таборот на мадридскиот тим предводен од Диего Симеоне.
Холанѓанецот потпиша договор со Атлетико до крајот на актуелната сезона, со можност соработката да биде продолжена и во следните две години. Сумата за трансфер е три милиони евра, плус бонус од еден милион евра. Барса реши да го ослободи Холанѓанецот за смешни 3 милиони евра со оглед на тоа што договорот му истекуваше за шест месеци, па така Атлетико доби супер играч за симболична сума, а најде и замена за Жоао Феликс.
Од Барселона исто така објавија дека во договорот е ставена опција да може да се купи Јаник Караско од Атлетико, доколку има потреба за такво нешто.
Депај веќе откри дека Чоло Симеоне побарал од него да се врати на нивото на кое играше во Лион, бидејќи изминатите 18 месеци во Барселона беа навистина скромни и неисполнети. 28-годишниот Депај за Барселона одигра 42 меча на кои даде 12 гола, но по доаѓањето на Роберт Левандовски падна во втор план.