Белград ќе му подари 100 користени автобуси на Скопје?

Белград планира да му донира автобуси на Скопје, пишуваат дел до српските медиуми. Веб сајтот „Е-капија“ вели дека одреден број автобуси од марката „Соларис“, кои се меѓу најквалитетните и најсигурните возила во белградскиот превоз, најверојатно за неколку месеци ќе станат дел од скопскиот јавен превоз.

Порталот пишува дека овие автобуси ќе мора да се повлечат од белградскиот сообраќај, бидејќи се купени во 2012-тата, а од следната година стапуваат во сила одредбите според кои максималната дозволена старост на автобусите низ белградските улици ќе биде 10 години.

Засега од Град Скопје и од ЈСП „Скопје“ нема никакви информации за ова. Поточно од Градот се јавија со соопштение од кое може да се заклучи дека администрацијата на престолнината се сомнева оти Ленин Јовановски (велат „лице блиско до руските структури во земјата и истовремено блиско до ВМРО-ДПМНЕ, на кое пред две години му беше оневозможено да врши дејност во Скопје поради сомнеж за финансиски малверзации…“) има намера да формира паралелен систем за јавен прево во Скопје.

Првиот човек на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, коментираше дека е поразително што прифаќаме милостина.

– Добар потег е на градот Белград и на градоначалникот оттаму што сака ете да подаде рака кога гледа дека во тотален хаос ни е градот Скопје. Но, сметам дека од друга страна тоа говори за несериозниот пристап на градоначалничката. Поразително е за нас како Скопје, како метропола, да бидеме соочени да прифаќаме милостина, во услови кога градоначалничката не може да си го среди тој проблем, вели Ѓорѓиевски.

Српската опозиција реагира дека ако овие автобуси се донираат, белграѓани ќе останат речиси исклучиво со кинески и турски возила, за кои владее уверување дека се далеку послаби по квалитет. Наводно белградскиот градоначалник Шапиќ сака да купи нови автобуси на метан од Турција.

„Соларис урбино 18“ е зглобен автобус дизајниран за јавен градски превоз, се изработува во Полска, во близина на Познан, и досега во Србија од 2011 година се извезени над 200 автобуси.

Според пишувањата на социјалните мрежи, освен Скопје, постои можност донација да добијат и други македонски градови, но не е наведено кои.

Јавниот превоз во Скопје е во многу лоша состојба. Недостасуваат голем број автобуси, а патниците чекаат на постојките некогаш и повеќе од еден час.

Останати вести