Борис Бекер ослободен од британскиот затвор, веднаш протеран во Германија

Германската тениска легенда Борис Бекер е ослободен од затвор во Лондон, јави британската агенција ПА. Бекер на крајот на април беше осуден на две и пол години затвор, а излегува на слобода по помалку од осум месеци. Остатокот од казната нема да го помине во затвор.

Британската агенција Прес Асосиејшн јави дека Бекер е протеран од Велика Британија веднаш по неговото ослободување. Бекер, меѓутоа, ќе смее да се врати во Велика Британија дури откако ќе истечат двете и пол години, колку што тој е казнет.

55-годишниот Бекер, кој потекнува од германската покраина Баден Виртемберг, со години живее во Лондон, но нема британско државјанство. Според британското право, затворениците може да бидат условно ослободени само ако во затвор одлежале најмалку половина од казната. Во случајот на Бекер тоа се 15 месеци, односно тој ќе можеше да излезе од затвор на 29 јули 2023 година. Но, поранешната тениска легенда профитираше од една специјална британска програма за ослободување и протерување, која ги опфаќа затворениците странци и со која тие може да бидат ослободени и протерани „12 месеци пред најраниот термин за ослободување од затвор“.

Трикратниот победник на Вимблдон беше осуден поради тоа што прикривал имот, а бил прогласен за несолвентен и имал непокриени долгови. Судот го прогласи Бекер за несолвентен во 2017 година. Потоа тој мораше да го пријави сиот свој имот со цел да се покријат долговите, но тој тоа не го сторил целосно. Поранешниот тениски ас беше обвинет по 24 точки, а беше прогласен за виновен по четири.

Останати вести