Европските потрошувачи и натаму не сакаат да консумираат инсекти – во каква било форма, иако Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) на почетокот на годинава дозволи храната да се збогатува со високопротеинско брашно од брашнести бубачки и домашни штурци. Романскиот претседател Клаус Јоханис прогласи закон со кој се забранува употребата на додатоци од инсекти во традиционалните романски производи, пишува сајтот „Хотњус“.
Засега од македонските институции не е побарано да се одобри ваков производ и на македонските трпези во догледно време нема да се јаде таа храна. Агенцијата за храна и ветеринарство има пропишано национална постапка за одобрување вакви производи што спаѓаат во категоријата храна произведена со иновирани технологии, а досега не е поднесено барање за одобрување производ што содржи ларви или други форми на инсекти, пишува „Слободен печат“ повикувајќи се на информација од АХВ.
Пред две години се разви слична дискусија, откако ЕФСА објави позитивно мислење за употребата на суви жолти ларви од инсектот „тенебрио молитор“, како авторизирана храна произведена со иновирани технологии. И тогаш, како и сега, според странските медиуми, се разгледуваше нивното користење во повеќе варијанти, како додаток за јадења или како брашно.
Од АХВ објаснуваат дека храна и состојки на храна произведени со иновирани технологии или т.н. „нова храна“ (новел фуд) е секоја храна или нејзина состојка што нема значителна историја на консумација пред 1997 година, кога во ЕУ е донесена првата регулатива со која се пропишуваат посебните барања за безбедност на оваа храна. Како што објави ЕФСА, прашокот, односно брашното од „куќниот штурец“ и официјално може да се продава на европскиот пазар, а списокот на производи во кои е дозволено да се најде практично нема крај. Во ограничени количини може да се користи за производство на: леб, печива, бисквити, житарки, замрзнати пици и други тестенини. Дозволено е и во зачини, пиво, инстант супи, замени за месо, сосови, преработки од компири, јадења од мешунки и зеленчук, кондиторски производи… За воведувањето на високопротеинско брашно на база на инсекти во исхраната на Европејците се зборува долго време. Врз основа на мислењето на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), прашокот од куќен штурец („ахета доместикус“) е безбеден, а во таканаречената нова храна (новел фуд) беше вклучен на почетокот на јануари годинава.
Виетнамската компанија „КрикетУан Ко“ доби зелено светло да го продава на пазарот на ЕУ во следните пет години. Пржените штурци наводно имаат вкус на јаткасти плодови, главно лешници, но и на семки од сончоглед. Експертите тврдат дека тие се богати со железо, аминокиселини и содржат повеќе од 60 грама протеини на сто грама.
„Хотњуз“ потсетува дека Европската комисија досега има одобрено за конзумирање четири типа инсекти: куќен штурец, миграциски скакулец, ларва од брашно и измет од бубачки.
02 Dec 2024