Секој во Австралија на возраст од 12 години и постар може да прими бесплатна вакцина против КОВИД-19 во аптеки, докторски и државни клиники кои учествуваат во програмата за вакцинакција. Иако повеќе од 80 проценти од луѓето во Австралија на возраст од 16 години и постари сега се целосно вакцинирани со две дози, сè уште постојат дезинформации за вакцините против КОВИД-19. Читајте понатаму за да дознаете за вакцините против КОВИД-19 и бременоста, како и кога можете да се вакцинирате и да дознаете повеќе колку е важно да одржувате добра хигиена и физичко растојание.
Дали е безбедно да се вакцинирам ако сум бремена, планирам да основам семејство или дојам?
Администрацијата за терапевтски производи (TGA) ја сочинуваат научници и медицински експерти кои ги регулираат и одобруваат сите вакцини, лекарства и други медицински производи за употреба во Австралија. TGA ги одобри вакцините Comirnaty (Pfizer) и Spikevax (Moderna) за бремени жени, доилки и оние кои планираат да забременат.
Ризикот од сериозно заболување од КОВИД-19 и потреба од интезивна нега е поголем кај бремена жена и нејзиното неродено бебе. Вакцинацијата е најдобриот начин да се намали овој ризик.
Студија од Соединетите Американски Држави на повеќе од 35.000 бремени жени покажа дека вакцинацијата не ја зголемува веројатноста од компликации како што се предвремено породување, мртвороденчиња и вродени дефекти. Научните докази укажуваат на тоа дека антителата кои ги создаваат бремените жени откако ја примиле вакцината против КОВИД-19 може да преминат низ плацентата, особено кај жени кои се вакцинирале во почетокот на бременоста и ги примиле двете вакцини пред да се роди бебето. Овие антитела може да му понудат на бебето одредена заштита од КОВИД-19 во првите неколку месеци од животот.
За луѓето кои сакаат да основаат семејство, вакцинирањето пред забременувањето значи дека тие веројатно ќе имаат заштита од КОВИД-19 во текот на целата бременост. Вакцинирањето не влијае на плодноста или вашите шанси да забремените.
Кои се следните чекори ако штотуку сте пристигнале во Австралија откако сте биле делумно или целосно вакцинирани во странство?
Ако сте примиле одобрена вакцина додека сте биле во странство, можете да го заведете тоа во Австралискиот регистар за имунизација (Australian Immunisation Register – AIR) откако ќе се вратите во Австралија, под услов вашите документи да се на англиски јазик. Тоа потоа ќе биде прикажано во вашата потврда за историјата на имунизација (immunisation history statement – IHS).
Ако вашите документи за вацинација не се на англиски јазик, можете да ги преведете. На веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (Department of Home Affairs) има бесплатна преведувачка услуга која можете да ја користите. Дознајте повеќе на translating.homeaffairs.gov.au.
Одобрените вакцини кои се признаваат во Австралија се: AstraZeneca, Pfizer, Moderna, Sinova Coronavac, Sinopharm BBIBP-CorV, вакцината против КОВИД на Johnson & Johnson и Bharat Biotech Covaxin.
Ако не сте вакцинирани со една од горенаведените одобрени вакцини, тогаш не ја исполнувате австралиската дефиниција за целосно вакцинирани.
Ако сте ја примиле само првата доза од било која од овие вакцини, можете да закажете термин за да ја примите втората доза во аптека, докторска или државна клиника која учествува во програмата за вакцинакција. Ако втората доза сте ја примиле пред повеќе од 6 месеци, имате право да примите бустер доза.
Не заборавајте да продолжите да ги миете рацете, да одржувате хигиена при кашлање и кивање, како и физичко растојание. Можеби сè уште ќе треба да носите маска на некои места. Ако имате било какви симптоми како што се болки во грлото, нос што тече, кашлица или треска, тестирајте се и останете дома додека не добиете негативен резултат од тестот.
За да закажете термин за да примите вакцина или бустер доза против КОВИД-19, посетете ја веб-страницата australia.gov.au или јавете се на 1800 020 080. За преведувачки услуги, јавете се на 131 450.
Овластено од Aвстралиската влада, Канбера.