Бугарин кој живее во Англија е туристот кој чкрташе на Колосеумот во Рим

Несовесниот турист кој го врежа своето име и името на својата девојка на ѕидовите на 2.000 години стариот Колосеум во Рим е Иван Димитров (27). Тој се претставува и како Иван Хокинс, а е Бугарин кој живее во Велика Британија и работи како фитнес инструктор.

Иван беше фатен на дело од туристот Рајан Лук, видео-снимката го покажува моментот кога тој со клучеви ги издлаби зборовите „Иван и Хејли 23“ и досега ја погледнале десетици милиони луѓе ширум светот. Овој потег ја налути и италијанската и светската јавност, а младиот човек го чека сериозна казна.

Иван го посетил Рим со својата долгогодишна девојка Хејли Брејси (33), за која британските медиуми пишуваат дека води сопствен бизнис за спортска исхрана. Двојката живее заедно во бристолското предградие Кејншам, недалеку од теретаната во која работи Иван.

Димитров по потекло е од бугарскиот град Ловеч, но веќе подолго време работи како фитнес тренер во Бристол, а работи и како доставувач.

Италијанските карабинери ги идентификувале сторителите преку традиционална истрага и фотографска споредба.

Во меѓувреме, италијанскиот министер за култура Џенаро Сандуљано им се заблагодари на органите на прогонот за брзата реакција.

Казните за оштетување историски споменици во Италија вклучуваат парични казни од 15.000 евра и најмногу до пет години затвор. Ова е четврти пат годинава Колосеумот да биде оштетен од туристи.

Останати вести