Бугарија е во „Шенген“: Српските туристи годинава ќе ја заобиколат Македонија, за Грција ќе одат преку Софија и Благоевград

Бугарија од 1 јануари 2025 влезе во „Шенген зоната“, се укинаа граничните контроли кон Грција а со тоа дел од српските туристи ќе ја заобиколат Македонија на пат кон егејското крајбрежје. Еден српски портал деновиве објави анкета според која дури 40% од Србите се заинтересирани да патуваат преку Бугарија за да стигнат до грчките плажи. Други 20% рекле дека ќе одлучат во зависност од состојбата на граничните премини а 30% одговориле дека и натаму ќе ја користат „македонската рута“.

Патувањето до Грција преку Бугарија за Србите значи дека ќе имаат само една граница за минување, наместо две преку Македонија. Се очекува дека  „бугарската рута“ дефинитивно ќе ја изберат српските туристи намерени да летуваат во приморските летувалишта источно од Солун. Тоа, пак, ќе ги разретчи гужвите на границите на Македонија за оние српски туристи кои би летувале на првиот крак од Халкидики или западно од Солун.

Но новата ситуација неминовно ќе има силен импакт врз транзитните приходи во Македонија.  Освен помалку пари од патарини, со намален обрт ќе се соочат бензинските пумпи долж автопатот „Пријателство“ а секако и угостителските капацитети во Гевгелија и Дојран.

Дојранчани сметаат дека имаат воспоставено некаква традиционална врска со Србите. Не им е сеедно дали ќе има намален прилив.

– Доаѓаат, преспиваат или се одмораат. На преминот Дојрани нема гужви, тоа им одговара. Имаме ресторани на глас, а и езерото е убаво. Може ќе има некој одлив, но нема да биде значително многу според мене, а дали ќе биде така, ќе видиме. Треба да продолжиме со промоција на Дојран како транзитно место. А има и Бугари, на кратко доаѓаат, посебно надвор од сезона. Присутни се бугарските туристи, а српските доаѓаат од јуни до септември, вели Роза Режак, сопственичка на вила во Дојран.

Турците и Србите, според официјалната статистика, се најбројни гости во Македонија.

Останати вести