Минатава сабота во „Гранд Нерет“ рецепција се одржа традиционалниот бал на село Буф кој има традиција преку 70 години во Мелбурн. На овој настан настапи и играорната група на “Св. Петка” од Мил Парк со сплет ора. Фамилиите од селото Буф, што денес живеат во Мелбурн, уште од далечната 1947 година организираат вакви собири на кои можат да се видат и да оживуваат спомени за родното место. Познати по својот патриотизам и љубов кон татковината ја делат судбината на Македонците во цела Егејска Македонија.
За оние што не знаат селото Буф се наоѓа во пазувите на планините Баба и Бигла и порано било едно од поголемите места во Егејска Македонија. Се наоѓа на 28 километри од Битола и 10 километри северозападно од Лерин, со надморска височина од 1,050 метри. Селото е сместено меѓу реките Лалешка и Лајчарска, кои врват низ селото со чиста ладна вода. Денес е само сенка од тоа време и има многу малку жители бидејки повеќето се иселени низ светот.
02 Dec 2024