Вардар пред распад: Нема ни датум за почеток на подготовките, играчите и навивачите губат надеж!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар се соочува со најтешките денови од своето постоење. „Црвено-црните“ веќе втора сезона се во второлигашката конкуренција и, кога се чинеше дека оваа сезона се на вистински пат за враќање на прволигашката сцена, се случува сосема спротивното. Клубот е пред згаснување, нема датум за почеток на подготовки, неизвесен е настапот за пролетниот дел, а најавите за доаѓање на моќни спонзори засега се само кулоарски муабети од кои нема реализација.

Молк е во таборот на „црвено-црните“ околу нови инвеститори. Беа најавувани Турци, па потоа и Унгарци, имаше интерес и од некои македонски бизнисмени, но сето тоа остана само низ медиумите. Реализација нема!

Вардар нема почнато со тренинзи, додека сите други второлигаши не само што почнаа со подготовки, туку и веќе ги комплетираа своите тимови за пролетниот дел од сезоната. „Црвено-црните“ не само што немаат ниту едно ново име, туку има и заминување на оние стандардните како Маркоски, Христов, Ристески, а во процедура е заминување на другите.

Играчите веќе загубија надеж, па почнаа да си бараат нови средини, а надежта е загубена и кај навивачите. Ниту „Комитите“ не веруваат дека нивниот омилен тим ќе се спаси од зимската летаргија во која „црвено-црните“ се западнати.

„Тешко дека ќе се средат работите. Не сме почнале со подготовки, ниту имаме некој датум кога би се собрале. Ништо! Сите си бараат нови клубови, си бараат тимови каде што ќе играат. Многумина од нас од ова живеат, немаат други придонеси. Не можат да чекаат во неизвесност. Жално е што сме оставени вака. Надеж секогаш постои, но полека исчезнува и најмалата“, изјави еден фудбалер на „црвено-црните“.

Играчите си ги бараат заостанатите 5-6 плати. Згора на тоа клубот има долгови. Се споменува дека оној кој ќе сака да го презеде клубот, треба да „фрли“ милионски суми на пари за покривање на истите. Унгарци, Турци, Македонци, Срби… тешко дека би се нафатиле на таков чекор. Во минатото имаше заинтересирани и Бугари.

Судбината на Вардар ќе се решава во идните денови. Времето е веќе изминато, за почеток на подготовки можеби не е предоцна, но треба прво да се средат побарувањата на играчите. Веќе ниту тие не веруваат во она што се ветува. А, ветувања во изминатите недели имало многу, но не и нивна реализација.

Најлошите прогнози се дотаму дојдени што велат дека „црвено-црните“ воопшто нема ниту да почнат, ниту да се натпреваруваат во пролетниот дел. Ако тоа се случи, тогаш на Вардар му се заканува црно сценарио и префрлување во најнизок ранг. За тоа да не се случи има уште многу малку време. Со оглед дека оние играчи кои остануваат „верни“ засега не планираат да се појават на терен додека не им биде исплатен долгот, единствен спас е Вардар напролет да игра со „деца“, па макар доживувал резултатски катастрофи, па на лето нов обид за поправање на ситуацијата и спас на македонската фудбалска гордост. Зимски спас на Вардар, очигледно ќе нема.

Останати вести