ВЕЛИЧЕСТВЕНО ФРЕСКОЖИВОПИСАНА “СВ. НЕДЕЛА” ВО ГОЛД КОСТ

Македонската заедница во Голд Кост е мала по број но има со што да се пофали, благодарение на неуморната работа на управата на црковната општина “Св. Недела” и на сплотената заедница. Пред пет години со смиреност и подадена рака до сите успешно го завршија спорот кој долги години постоеше помеѓу предходните членови и заврти нова страница на просперитет. Управата на овој храм направи сериозен подвиг со тоа што смогна сили да го фрескоживописаат храмот онака како што доликува со прекрасни фрески.

Круната на тој труд е осветување закажано в недела, на 12 ноември, што ќе го изврши владиката Тимотеј.

Претседателот Лазе Спировски е посебно горд на тоа што поставената цел е исполнета, да се заврши храмот со фрескоживопис и да биде осветена од надлежниот владика Тимотеј.

“Со педесетина фамилии успеавме да направиме грандиозен објект со кој заедницата може да биде горда. Македонската заедница во сончевиот Голд Кост постојано се зголемува, и ние работиме како едно семејство заедно сплотени”, рече Лазе.

Прекрасниот фрескоживопис е изработен на сите ѕидови и тавани во храмот „Св. Недела“ во Голд Кост, и тоа е изработка на брачниот пар Васка и Тони Чурковски, кои се со потекло од Струга. Тие ја започнаа напорната мисија да ги направат фреските на ѕидовите од црквата и со тоа го направија храмот “Св. Недела” од Голд Кост еден од ретките во Австралија што е целосно живописан.

Останати вести