Вештачката интелигенција повеќе не се третира како футуристички концепт, туку е реалност и има голема примена во секојдневието. Планираме нејзино етапно воведување во наставните програми во училиштата, тоа е наша должност со цел младите низ формалниот процес на образование да се запознаваат со придобивките, но и со предизвиците од нејзината употреба.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, додавајќи дека државата е поназад од земјите од ЕУ, а понапред во споредба со земјите во регионот.
– Министерството е фокусирано на два аспекта: дигитализација на наставата и дигитализација на образовните услуги. Вештачката интелигенција има голем потенцијал во областа на образованието. Таа, може да го револуционизира начинот на кој се учи и се предава. Може да го персонализира образованието, приспособувајќи ја содржината на индивидуалните потреби и стилови на учење на секој ученик. Ова може да доведе до подобри резултати од учењето. Во напредна фаза е и дигитализацијата на услугите на повеќе факултети, рече Јаневска, посочувајќи дека зборува за вештачката интелигенција која е во согласност со етичките и моралните начела и норми. Буџетот што ќе го добие Министерството за образование и наука следната година ќе изнесува 40 милијарди денари (над A$1 милијарда), што е најмногу досега. Според Јаневска, тоа ќе значи и повеќе пари за дигитализација, како и за поддршка на работата на научно–истражувачките работници кои, очекува во иднина повеќе да се занимаваат со иновации во областа на вештачката интелигенција.