Со одлука на Владата прогласена е 30-дневна кризна состојба поради топлотниот бран и зголемената појава на пожари на територијата на Република Македонија. Министерството за внатрешни работи се задолжува да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите.
Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот се задолжуваат да бидат во приправност, додека Министерството за финансии се задолжува да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.
Владата му предлага на Претседателот на Републиката да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба.
Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК) е задолжен да ги следи состојбите, да координира со активностите на расположливите човечки и материјално-технички ресурси и редовно да ја информира Владата.
Истовремено, Владата упати апел до граѓаните за внимателност при движењето во шуми и шумските појаси и областите зафатени со пожари. Се очекува да се прогласи забрана за движење во шумите и шумските појаси.