Владата со МАНУ ќе иницира сеопфатна стратегија за државата: „Ни треба план за следните 25 години“

Историјата треба да зближува, а не да разединува, рече премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за историјата на македонската револуционерна организација на свечената академија „Завет што обврзува“ по повод 23 октомври.

Македонија одамна ќе беше во ЕУ ако неа беа грчкиот и бугарскиот проблем кои, како што кажа премиерот, почнаа од денот на осамостојувањето и „траат како дел од нивна стратешка политика базирана на нивното гледање на историјата и нивните регионални интереси и цели, до ден денес“.

Премиерот вели дека на македонското прашање му е потребна енергија и најави дека Владата со МАНУ и универзитетската заедница ќе проба да изработат сеопфатен проект и стратегија за државата до 2050 година со кој ќе се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој, и така натаму.

– Ако имало стратегија и заеднички приоритети и патоказ како да се постигнат, немаше да чекаме 20 и кусур години да нè признаваат земји под уставното тогашно име, според стратегијата на Глигоров, дека времето работи за нас, која не велам дека не била исправна во тоа време, сигурно имале свои причини  зошто правеле таква стратегија. Затоа за да не доаѓаме до такви тешки моменти потребно е долгорочна стратегија чии главни точки и стратешки цели нема да зависат од лакомоста на политичарите, ниту од нивното незнаење. Или што ќе беше ако прашањето за името се решеше 1990 година? Каде ќе беше денеска нашата татковина?

Премиерот се осврна и на последните критики во врска со неговите изјави за Преспанскиот договор и предлогот за одложена примена на уставните измени:

– Ги слушам нашите политичките противници кои гледаат како да ми извадат од контекст изјава која ја кажувам, па ќе кажат овој го призна Преспанскиот договор, овој кажа Северна, тој не кажа Северна. И така влегуваат во еден магичен круг на обвинувања, политика која што се води ден за ден, играјќи на картата на кратко помнење на македонските граѓани. Но, јас имам еден одговор до нив. Малку подалеку ги гледаме работите, бидејќи вие од каде сега сакате да стигнете, ние од таму се вративме. Ајде да се обединиме и заеднички да носиме одлуки за иднината, бидејќи друга татковина немаме освен оваа наша заедничка Македонија која што ја сакаме најмногу на светот.

Премиерот рече дека според анализите на Стратфорд во Македонија до 2050 ќе има 400.000 луѓе помалку. Дали знаете што значи тоа за општеството, економијата и за државата?, праша тој.

– Населението кое се иселува е работоспособно. Сериозни држави планираат со десетици и стотици години нанапред. После договорот за Хонг Конг и Британците и Кинезите излегле среќни. Кога ги прашале Британците зошто се радосни, тие одговориле во наредните 100 години Хонг Конг ќе биде наш, а кога ги прашале Кинезите зошто сте вие радосни, тие рекле, после 100 години Хонг Конг ќе биде наш. Oдамна поминаа 100 години. Хонг Конг е сега кинески – заклучи премиерот.

Останати вести