Посмртните останки на митрополитот Дебарско-кичевски и администратор на Австралиско-сиднејската епархија г. Тимотеј беа положени во неговото вечно почивалиште, во јужната апсида на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.
Со владиката Тимотеј се простија сите членови на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, свештеници од епархијата, претставници од другите помесни православни цркви, бројно свештенство од целата земја. Во заупокоената Света архиерејска литургија одржана во катедралната црква „Света Софија“ учествуваа и двајца владици од Српската и еден од Бугарската православна црква.
Со церемонијата на погребението чиноначелствуваше Неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој покрај верските обреди имаше и свое световно обраќање до верниците собрани во Охрид да се простат.
– Никому и никаде не е лесно да говори на вакво место и на ваков повод. Особено не му е лесно да слови за човекот со кого повеќе од половина век работел за иста цел, за исти идеали… По молитвите на светите Климент и Наум, честопати бевме удостојувани да бидеме ангажирани како членови на комисии и претставници на нашата света црква и насекаде и пред секого, без да се договараме секогаш имавме исти ставови, исти прашања, исти одговори…Можевме заедно зашто носевме иста рана, зашто чувствуваме иста болка и баравме ист лек. И му благодарам на Бога што пак заедно го најдовме. Како што заедно со децении тагувавме така и заедно се израдувавме и во Цариград и во Белград и оттогаш и пред секого и насекаде, рече поглаварот на МПЦ.
Во емотивното обраќање тој му се обрати на упокоениот дедо Тимотеј, дека како негов сослужител, како архиереј во Австралиската и во Дебарско-кичевската епархија оставил дело што, како што рече, „ниту рѓата ќе го нагризи, ниту молците ќе го јадат“. Притоа тој ги спомена сите зафати спроведени во епархијата од страна на Митрополитот Тимотеј, и на молитвениот богослужбен план и во градителството и во возобновувањето на древните светињи со кои изобилуваат Охрид и Дебарско-кичевската епархија.
– Плаошник и Свети Наум, Света Софија и Перивлепта, Бигорски, Пречиста, Канео и Заум и уште други многу светињи сега ни одблизу не се какви што беа и какви што ги наследивте. Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете, а урнатите да ги обновите. Градевте и обновувавте храмови и манастири, обновивте монаштвото, но најмногу од се помогнавте да се обнови и да се ради Црквата во душите на богољубивите и хростожедни луѓе, рече архиепископот Стефан.
Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор на Австралиско-сиднејската епархија г. Тимотеј почина на 25 ноември во Скопје, каде беше хоспитализиран поради проблеми со срцето.
Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин администратор со седиште во Охрид, од каде ќе раководи и со Австралиско-новозеландската епархија до 1995 година, кога доброволно ја отстапува на друг архијереј. Поради настаните во истата епархија САС на МПЦ подоцна прави нејзина поделба при што едниот дел повторно му го доверува на владиката Тимотеј.
Изминатите 43 години како архијереј на МПЦ-ОА митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како секретар на САС на МПЦ и администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ.
27 Dec 2024