ВМРО-ДПМНЕ со нова афера “Тајни имоти“
123 функционери на СДСМ и ДУИ кријат имоти вредни над $45 милиони

Антикорупциска побара да и бидат доставени доказите, ако има такви

ВМРО-ДПМНЕ отвори нова афера врзана за функционери на СДСМ и на ДУИ на различни позиции кои, според партијата, поседуваат таен имот.

– На списокот кој го поседуваме има куќи, станови, викендици, деловни простории кои се скриени од очите на јавноста. На овој список се државни функционери, претседатели на комисии, директори, раководни луѓе на институции. Поголемиот дел од нив директно поставени од владата и функционери во партиите на власт. Пет години власт на СДС, 123 именувани функционери на државни позиции кријат имот вреден 30 милиони евра. Ги поседуваме сите детали.

Овие имоти се тајни и истите не се евидентирани од Државната комисија за спречување на корупција. Не веруваме дека се работи за системски пропуст, туку се работи за системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити. Воедно институциите како Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, кои се формирани за спречување на ваквите дејанија, практично се соучесници во шемата која ја креира власта и се нивни заштитници. Сметаме дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти, рече Петрушевски.

Што кријат Алберт Муслиу, Ивица Јевтиќ, Валентин Груевски и Печински?

Првите четворица кои ги спомна се аналитичарот Алберт Муслиу, адвокатот Ивица Јевтиќ, директорот на ЈП “Македонски шуми“, Валентин Груевски како и Новица Печински, член на Управен одбор “Здравствен дом Берово“.

– Ќе започнеме со Алберт Муслиу, кој како експерт и аналитичар редовно ги брани ставовите на СДС криејќи се под превезот независен. Но колку навистина е независен? Муслиу пет години нема поднесено анкетен лист до Антикорупциската комисија (на 19 декември 2017 година е именуван за претставник определен од Владата во Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија). Што крие Муслиу? Според нашите истражувања Муслиу на сопствено име поседува куќа во Скопје од 118 м2 и стан во Центар од 81 м2. Муслиу се јавува и како основач и сопственик на повеќе правни лица и Здруженија на граѓани.

Адвокатот Ивица Јевтиќ е оној што ги поднесува фамозните тужби на функционерите на СДСМ. Инаку Јевтиќ е член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил. И тој не го пријавил својот имот, односно нема поднесено анкетен лист и тоа може да се види на веб страната на ДКСК. Но што крие Јевтиќ? Од анализата која ја направивме може да се види дека Јевтиќ на свое име поседува стан во Скопје, од 2015 година основач е на Адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ, а во 2020 година во месец ноември ја основа градежната компанија “ФИЗ Констракшн“ ДООЕЛ Скопје. Која е причината што еден правник, лице кое треба да е заштитник на правдата е лице кое го крши правото? Дали СДС му ја гарантира неказнивоста и дали има и други имоти?, праша пратеникот Петрушевски.

Имот крие и директорот на ЈП “Македонски шуми“, Валентин Груевски, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

– Имено, од претходниот анкетен лист на Валентин може да се види дека поседува куќа во Битола и автомобил “фоксваген голф“, а неговиот брачен другар поседува куќа во Ресен. Дали има промени, и зошто не го пријавил иако веќе бил функционер и знае дека тоа му е обврска? Новица Печински, член на Управен одбор “Здравствен дом Берово“ исто така е на листата функционери кои кријат имот. Печински е вработен и во Општина Берово е и претседател на спортски клуб. Според истражувањето кое го направивме дојдовме до сознание дека крие голема куќа во Берово и автомобил “фолксваген“, кои се на негово име. Ова се само дел од функционерите кои кријат имот, а се директно поврзани со врвот на власта, тврди Петрушевски.

Тој ја повика ДКСК и останатите институции да почнат да си ја вршат работата, а истовремено ги повикува Јевтиќ и Груевски да си поднесат оставки на позициите кои ги држат и да платат казна која им следува по закон, а за тоа постапка да покрене ДКСК.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со објавување на детали. Одговорност мора да има, дециден е пратеникот Петрушевски.

Останати вести