Васил Јованов (20) пијан, без положено за возачка дозвола и на црвено светло во средата пред полноќ ја прегази Фросина Кулакова (22) на пешачки премин кај Универзалната сала во Скопје. Возел со 130 км/ч и девојката починала на самото место.
Овој случај предизвика силен револт кај скопјани кои се собраа на протест и бараа одговорност. Трагичната смрт на младата модна дизајнерка Фросина од Неготино не е прва на истото место, ниту пак околностите се нови. Во 2015, на истиот пешачки премин кај Универзална, пијан млад возач на црвено (за него) ја згази Фросина Цековска (19) од Крива Паланка.
Граѓанската огорченост нарасна откако се дознаа детали од блиското минато на 20-годишниот скопјанец од општина Карпош. Имено, откако татко му за 18 роденден му купил „пежо 207“ досега веќе накупчил десетина казни за разни сообраќајни прекршоци. Никогаш немал положено за автомобил и возел „на диво“ и „на пијано“.
Имал кривична пријава за сообраќајка што ја направил пред две ипол години – жената тогаш се здобила со полесни повреди и Јованов платил казна од 18 илјади денари (зашто возел без дозвола). Тука застанало секакво гонење!?
Очигледно е дека некој му ги плаќа казните и го штити од судско процесуирање. Полициските службеници со жалење констатираат дека со години го апсат Васил Јованов, но на крај повторно го наоѓаат на улица како прави уште посериозни дела откако е ослободуван од ОЈО Скопје.
Што е уште полошо Скопското обвинителство соопшти дека Васил Јованов неколку пати е фаќан со психотропни супстанци. Бил спасуван од процесуирање поради тоа што му биле наоѓани само мали количини (демек за лична употреба). Но на почетокот од ланската година полицијата извршила претрес кај малиот дома и нашла 80 паковки со амфетамини – што значи дека би дилер. Ама ни ова не било доволно татиното галениче да се запре во собирањето криминален стаж. По минати 30 дена во притвор во Шутка, Васил Јованов е осуден на упатување во воспитно-поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник иако бил полнолетен. Но истовремено судијката Даниела Алексовска Стојановска го пуштила на слобода до правосилност на пресудата. Судијката на јавноста и е познато по тоа што го водеше случајот „Талир 2“ во кој донесе пресуда триесетина штабови на ВМРО-ДПМНЕ вклучително и главното седиште во центарот на Скопје да се конфискуваат.
Обвинителството од тогаш па наваму цели 11 месеци е во фаза на жалба зошто пресудата не е затворска казна туку воспитна мерка!?
Министерот за правда Игор Филков упати сочувство до семејството и пријателите на прерано загинатата Фросина Кулакова, која беше смртно прегазена на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Некогаш нема утешни зборови, но она што можам да се заложам е дека мојата политичка позиција и мојата човечка мисија ќе ја насочам за менување на работите од корен. Целиот систем мора да се менува однадвор и одвнатре, вели министерот.