На последниот турнир во Перт за борење оваа година наречен United for Wrestling 2024 се натпреваруваа околу 80 борачи од седум клубови од Западна Австралија.
Публиката и борачите имаа можност да ги видат шампионите во борење кои се натпреваруваа на Комонвелт игрите во 2023 година, како и борачи кои се натпреваруваат и победуваат на меѓународните првенства во борење.
Еден од истакнатите борачи беше младиот Кристијан Серафимовски (Кико), кој е aвстралиски шампион во 2021 година. Тој го освои златниот медал победувајќи ги сите свои противници во 3 меча. Имаше тешки и искусни противници, но неговата тактика во борење и водејќи се по советите од својот тренер Јадранко Тесановиќ успешно ги совлада сите. Тој беше повеќе од сигурен и заслужено доби златен медал, претставувајќи го гордо не само неговиот боречки клуб Волци, туку и македонските младинци во Западна Австралија. Неговиот последен противник беше од Авганистан, тежеше 14 килограми повеќе од Кико, но гласната публика го поддржа воодушевена со неговиот талент за борење. Тренерот Јадранко е уверен дека доаѓа времето на Кико и тој ќе стане голем шампион во борење.
– Клубот Волци освои еден бронзен, три сребрени и три златни медали. Сакам да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на родителите на Кико, Боби и Паулина, за посветеноста и поддршката, бидејќи без нив Кико не би бил тоа што е денес, рече неговиот тренер.
Сите ние, вклучително и македонската заедница во Перт, сме горди на нашиот Кико и неговото време во борење допрва доаѓа.
27 Dec 2024