Во Рокдаел се развиорија македонски знамиња

Оваа седмица во чест на Денот на независноста на Македонија општина Ботани беј ја закити улицата “Кинг Стрит“ во центарот на Рокдаел со знамиња на Република Македонија.

Националниот ден на Макдонија овој 8 септември ја одбележува својата 31 година од прогласувањето на самостојноста.

На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95% од граѓаните што излегоа на референдумот – позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто. Од нив позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас).

Резултатите сами по себе говорат за успешноста на референдумот и ова е единствениот досега успешен референдум во Македонија.

Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој бил спроведен не биле поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на законот. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле „за“ самостојна и суверена Македонија.

Споредба со референдумите во Словенија и во Хрватска

На 23 декември 1990 во Словенија е одржан референдум со прашањето: “Дали Република Словенија да стане самостојна и независна држава?“   Од запишаните 1.499.294 гласачи на изјаснувањето излегле 1.361.738 (90.93%) од кои “за“ гласале 1.289.369 (95.71% од излезените или 88.5% од вкупно запишаните во избирачкиот список).

Во Хрватска се одржа сличен референдум за независност како во Македонија (според прашањето). Таму на 19 мај 1991 година всушност се гласаше за две прашања:

1. Дали сте за тоа Република Хрватска, како суверена и независна држава, која гарантира културна автономија и сите граѓански права на Србите и припадниците на другите националности во Хрватска, да може да стапи во сојуз на суверени држави со други републики ( според предлогот на Република Хрватска и Република Словенија за решавање на државната криза на СФРЈ)?

2. Дали сте за тоа Република Хрватска да остане во Југославија како единствена федерална држава (според предлогот на Република Србија и Социјалистичка Република Црна Гора за решавање на државната криза во СФРЈ)?

На овој референдум од запишаните 3.652.225 гласачи излегле 3.051.881 или 83.56%.

“За“ првото прашање гласале 2.845.521 гласач или 93.24%.

“За“ второто прашње гласале само 164.267 или 5.38%.

Останати вести