ВО СИДНЕЈ: ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ БРАЌАТА СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Во недела,на 25 мај, во македонската катедрална црква ‘’Свети Кирил и Методиј’’ во Розбери, Македонскиот просветно-училишен одбор за НЈВ организираше свеченост на која присуствуваа родителите и учениците кои го изучуваат македонскиот јазик во етничките и редовните основни училишта, како и во саботните средни училишта.

Одборот изразува голема благодарност до црковната управа и до отец Наум Деспотовски што секоја година овозможува да се одржува оваа свечена академија во чест на сесловенските просветители светите солунски браќа Кирил и Методиј.

Учителката  Жаклина Михајлова ги поздрави почесните гости: Луција Џонс – претседател на федерацијата на етничките училишта во НЈВ, Тоде Кабровски – почесен претседател на МПУО, Оливер Димовски – советник во општината Џорџес Ривер и долгогодишен уредник на порталот “Шило” и отец Наум Деспотовски. 

За значењето на нашите апостоли и просветители, браќата свети Кирил и Методиј зборуваше претседателката на одборот Дијана Јовчевски. Македонскиот просветно-училишен одбор на Нов Јужен Велс секоја година со сите македонски училишта традиционално ја одржува оваа свечена академија во чест на светите просветители и апостоли во Сиднеј и го исполнува својот завет, дека доследно го продолжува нивниот пат и се стреми да го сочува јазикот за нашите идни поколенија во оваа далечна мултикултурна и демократска земја за да можат да ги учат словата и јазикот на своите предци, и така да научат чии се, каде им се корените и матицата македонска. 

Македонскиот просветно-училишен одбор на НЈВ е продолжувач на  просветителската мисија, а тоа се потврдува и со врачувањето на Светиклиментовата награда на одборот во далечната 1998 година од Министерстото за култура на Република Македонија. Одборот е носечко јадро за организиран систем на редовна и дополнителна настава на македонскиот јазик во образовниот процес во НЈВ. Асоцијацијата има незаменлива мисија, во изминативе 47 години работи да се изучува помасовно и да се зачува македонскиот јазик кај младите генерации родени во Австралија. 

Одборот тој завет успешно го исполнува и сега им останува на следните генерации просветители и ученици да го одржат пламенот на Светиклиментовото кандило каде и да се, а тоа е заветот што го остави поранешниот долгогодишен претседател, просветител, активист и почесен претседател Тоде Кабровски. Учениците од сите македонски школи настапија со рецитирање на стихотворби во чест на нашите учители и апостоли, солунските браќа свети Кирил и Методиј. 

На Академијата на заслужните учениците кои го изучуваат македонскиот јазик во Нов Јужен Вел им беа доделени признанија и награди. Специјални благодарници им беа врачени и на активисти, доброволци и пријатели на македонскиот јазик, кои го помагаат изучувањето на македонскиот јазик и донираат парични средства на Одборот, со што ја поткрепуваат работата на истиот.

На крајот од свеченоста претседателката Дијана Јовчевска кажа пофални зборови за поранешната претседателка Жаклина Михајлова која долги години е моторната сила на Одборот.

Останати вести