Голема полициска акција за милионскоданочно затајување: Уапсени четири лица, првоосомничен близок човек на Заеви

По кривична пријава од МВР (а добиени податоци од УЈП) Јавното обвинителство нареди спроведување истрага против повеќе фирми и нивните сопственици во Струмица, Скопје и Гостивар врз основа на основани сомневања за сторени кривични дела:„даночно затајување“, „даночна измама“ (незаконски поврат на ДДВ) и перење пари.

Уапсени се четири лица и судија на претходна постапка им одреди мерки притвор односно обезбедување. Спроведени се претреси во фирмите и домовите на осомничените, одземени се за вештчење електронски записи, документација, скапоцености и пари а на разговор за оваа криминална пирамида повикани се и управителите на фирмите, адвокати и нотари.

Неколку лица се во бегство.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, станува збор за епски криминал. Се работи за криминална пирамида со ДДВ при што Буџетот на државата е оштетен за десетици милиони евра.

Сомневањата се дека се работи за систем на криминална пирамида која веројатно се шири и надвор од македонските граници.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска им се заблагодари на сите што учествуваа во акцијата во Струмица и во други градови во земјата за откривање сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал. Особено беше задоволна од соработката со директорката на УЈП Елена Петрова.

Со оглед дека станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна, јавноста навремено ќе биде информирана за поединости што нема да ја нарушат постапката, соопшти Основното јавно обвинителство.

Досега недопирливиот Крмзов е „на тапет“

Јавноста во Македонија брзо дозна дека истрагата е насочена главно кон познатиот струмички бизнисмен Ристо Крмзов и неговите фирми. Подемот на неговата империја се поклопува со доаѓањето на Зоран Заев за премиер. Засега нема осомничени фирми или лица од семејството на Заеви.

Крмзов е и меѓу четворицата притворени лица. Се вели дека полицијата при претресите пронашла дијаманти и голема сума на кеш. Кај Ристо Крмзов се пронајдени дијамантите а кај негов вработен магационер од Скопје, полицијата пронашла поголема сума на кеш пари.

На иста адреса во Струмица биле регистрирани повеќе фирми кои официјално имаат различни сопственици, но заедничко им е тоа што во некој период претходно управител бил токму Крмзов. Се работи за фирмите „Крзмов МР“, „Винас Текстил“, „Џокс Премиум“, „Нетком Плус“ и „Сакаов Транс“.

Растот на овие фирми може да се следи од 2017 наваму. Така за првите 4 месеци од 2020 (кога започна пандемијата со ковид) сите тие оствариле вкупен поврат на ДДВ од 5.2 милиони евра, што беше проследено со интерес во македонските медиуми но немаше процес за криминално однесување.

А ланската 2023 година градежна фирма со најголем профит во Македонија стана токму „Крмзов МР“. Од околу 32 милиони евра (колку што е ланската добивка на најголемите градежни фирми во земјата), „Крмзов МР“ е убедливо на првото место со добивка од над 9 милиони евра. Зградите на оваа фирма се претежно во Струмица.

Останати вести