Едно повозрасно лице загина во кумановското село Кокошиње, задушено од чад во сопствената куќа, во пожарот што го зафати ова село. Сопругата на загинатиот била успешно евакуирана.
Се сеќаваме дека во големите пожари во 2021 година загина старицата Стојанка во Старо Нагоричане, а тогаш нејзиниот партнер дедо Стојан куртули.
Инаку минатава седмица Македонија ја зафатија над 65 шумски пожари кои предизвикаа широко распространет чад во регионот на Овче Поле, а чад и пламени се видливи на повеќе локации. Атарите на над 19 села во земјата беа зафатени со пожари на отворен простор. Во дел од нив пожарот навлезе и изгоре педесетина куќи (Малино, Богословец, Немањица, Кокошиње…). Се работи претежно за напуштени објекти во слабо населени села во Светиниколско, Кумановско, Пробиштипско и Штипско.
Опожарени се земјоделски површини и лозја, како и нискостеблеста шума и трева.
Пожарите најтешко ги зафатија следните општини:
Куманово: Селата К’шање, Кокошиње и Мургаш, каде што изгореа претежно викендички.
Старо Нагоричане: селата Малотино, Руѓенце и Коњу, кои имаат малку жители и стари куќи.
Свети Николе: Село Немањици, каде изгореа десетина куќи, меѓу кои и најмалку една нова куќа. Значителни штети претрпеа и селата Малино и Орел.
Пробиштип: Селата Горно Барбарево и Стрисоце доживеаја пожари во куќи.
Штип: Село Стар Караорман, каде се уште се нејасни информациите за штети.
Селани со полиција беа терани да се евакуираат
Дел од жителите на светиниколското село Немањица не сакале да бидат евакуирани и да ги напуштат куќите, овците и другиот добиток. Затоа беше пратена полиција да ги натера да се евакуираат.
Против пожарите беа ангажирани „ер-тракторите“ на ДЗС како и хеликоптерите на Армијата и Полицијата но тие имаа ограничен ефект. Вклучени се и голем број пожарникари, вработени во „Македонски шуми“ и доброволци од Штип, Неготино, Кавадарци и Велес.
За да се спречи ширењето на „огнените змии“ кон Свети Николе и Штип со градежна механизација се правеа „меки појаси“, а населението на загрозените региони беа повикани да го прават тоа како превенција.
Противпожарните екипи успејаа да го стават под контрола пожарот кој се закануваше да ги зафати првите куќи во Пехчево. Планината е целосно пеплосана а огнот се помести кон бугарска страна.