Во Македонија се случи скандалозна прослава на Денот на албанското знаме (на 28 ноември 1912 година било истакнато знамето во Валона, прогласувајќи ја Албанија за суверена и независна држава), каква што немаше ниту во Косово ниту во Албанија каде го прославија достоинствено.
Во Македонија, од Куманово до Охрид видовме провокативно и насилничко славење на колони со возила кои го развеваа знамето на Албанија. Во некои градови (како Тетово, за пример) имаше и повеќе знамиња на Голема Албанија.
Скопјани имаа голема мака со хаосот што се создаде во сообраќајот. Беа блокирани сите крстосници во центарот, се славеше и со истрели од автоматско огнено оружје. Повеќе стотина возила со развиорени знамиња на Албанија стоја и свиреа на сред крстосниците.
На Бит-пазар видовме три примери на отворена омраза и напад врз знамето на Република Македонија. На едно место имаше „дрифтање“ со гуми врз знамето, на друго место го палеа а на трето го кинеа. Знамињата беа симнати од бандерите на кои имаше многу албански знамиња и тук-таму по некое државно-македонско (беа истакнати бидејќи денот е запишан и во регистерот на празници во РМ).
Во центарот на градот забележително беше засилено полициско присуство.
Изблик на отворен сепаратизам
Овие настани силно ги вознемирија оние над 75% од жители на Македонија кои не се Албанци. Огромното мнозинство со години трпи се посилни вакви притисоци на нецивилизирано и насилничко однесување.
– Прославата на албанското знаме се претвори во отворен чин на сепаратизам на оние луѓе што вчера варварски се однесуваа низ улиците на Скопје. Денот на албанското знаме е новокомпониран празник на Албанците во Македонија, кој ете годинива беше прославен со кинење и палење на македонското знаме. Да не заборавиме дека од пред неколку години се одбележува и Денот на албанското кече, на ист датум со независноста на Косово. Спорен е и фактот дека се слави не со национални симболи, туку со државно знаме на друга држава. Не смее да се премолчи и дека на повеќе локации во главниот град се пукаше со огнено оружје, како и дека полицијата вчера не ги заштити граѓаните, оцени новинарот на „Слободен печат“, Срѓан Ивановиќ.
27 Dec 2024