Доделени дипломите на матурантите по македонски јазик

Во организација на Македонското учителско друштво на Викторија се одржа традиционалното свечено доделување на дипломите за положен матурски испит по македонски јазик за учениците од 12-то одделение, кои го посетувале саботното училиште на Victorian School of Languages (VSL) во Томастаун и во Килор Даунс. Поради ковид ситуацијата оваа церемонија веќе втора година се одржа преку конференциска видео-врска (Zoom).

Настанот го отвори претседателката на Македонското учителско друштво на Викторија, г-ѓата Јованка Смилевска, а потоа обраќање до матурантите имаше и директорот на Викториското училиште за јазици, г-динот Френк Мерлино.

Генералниот конзул на Македонија, г-ѓа Сања Зографска се приклучи кон честитиките до матурантите и им предложи да основаат здружение за негување на македонскиот јазик кое би ги опфатило не само завршените матуранти туку и оние што се уште се во училишните клупи. Целта е да се зачува нашиот мајчин јазик кај новите генерации родени во Австралија.

Координаторката на наставата по македонски во Томастаун, г-ѓа Љубица Талевска ги претстави учениците кои матурираа по македонски јазик во ова училиште: Александер Марковски, Ангелина Тасески, Антонио Бентовски, Кристофер Трајчески, Давид Соколевски, Јован Петрушевска, Марта Стаматовска, Мартин Пејчиновски и Стефани Стојанов.

Матурантите од Килор Даунс ги промовираше координаторката за тамошната настава по македонски, г-ѓата Весна Дамчевска, а тоа се: Татијана Гроздановска, Димитар Лазаревски, Даниел Мирчески, Амилија Ристевски, Владимир Симоновски, Кира Талеска, Симона Митреска и Благоја Талевски.

Наставничките Талевска и Дамчевска со многу љубов и лична поврзаност за секој матурант ги истакнуваа поединечните квалитети по кои тие се истакнувале во саботната настава, особено во текот на последните две завршни години.

Со куси поздрави се приклучија и челниците на центрите на VSL во двете училишта, г-динот Калаф Греис (Томастаун) и г-динот Садик Чадаш (Килор Даунс).

На крајот сите уште еднаш им честитаа на матурантите и им посакаа успех во нивните понатамошни кариери.

Останати вести