Досега најголема меѓународна акција за гаснење на пожарите во Македонија

Во тек е најголемата меѓународна акција за гаснење на шумските пожари во Македонија. На 11 локации со пламените јазици, заедно со македонските пожарникари, се справуваат екипи од Турција, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Романија.

Се активираше механизмот за цивилна заштита на ЕУ во справувањето со шумските пожари. Турција испрати два „ер-трактори“ и еден хеликоптер “блек хоук“, Србија испрати хеликоптер “Ка-32“ кој има носивост од 5 тона вода, Хрватска прати “канадер“ (исто со капацитет од 5 тона), Романија даде авиони „спартан“ (со капацитет од над 5 тони вода) и „херкукес“ за поддршка, Словенија два а Црна Гора еден хеликоптер.

Сета таа техника дојде да помогне на македонските три „ер-трактори“ и четири хеликоптери (по два од АРМ и МВР). Ангажирани се човечки ресурси на Армијата, на МВР, на „Национални шуми“ и на општините кои гравитираат кон пожарите.

Еден по еден се гаснат најопасните пожари, почнувајќи од 100-те хектари над Баирот во Битола и пожарот долг 30 км на планината Серта. Романците гаснат под Солунска Глава, Турците и Хрватите кај Битола…

Црвениот крст е на терен за логистичка поддршка на екипите при справувањето со пожарите.

За ден-два ќе стивнат пожарите

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека за ден-два ќе се изгнаснат пожарите, па граѓаните да бидат спокојни.

Најкритично е на планината Серта. Таму пожари дивеат на шест точки, а надлежните веќе осум дена се бореа со пламените јазици. Евакуирани беа и жители од селата каде имаше опасност пожарот да се прошири.

Предизвик е и пожарот во општина Ново Село, во непосредна близина на границата со Бугарија, на планината Огражден.

Владата прогласи 30-дневна кризна состојба, со цел законски да може да се користат човечките потенцијали на Армијата и МВР. Има целосна забрана за движење во шумите. Кој ќе се фати да шета во шума треба да биде спремен да плати казна од 1.500 до 2.000 евра.

Густиот чад и неексплодирана муниција од Криволак сериозно ја отежнуваат операцијата

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов ги истакнува предизвиците со кои се соочуваат во борбата против пожарот на планината Серта, наведувајќи го густиот чад што ги попречува воздушните операции (воздухопловите не можат прецизно да извршат налет) и присуството на неексплодирана муниција на полигонот Криволак што ги комплицира копнените напори. И покрај овие препреки, екипите за итни случаи упорно се обидуваат да го локализираат пожарот и да ги заштитат околните области.

Според директорот Ангелов сите пожари се предизвикани од човечки фактор – карактеристично е што почнуваат во близина на населени места и најчесто се од палење на стрништа, меѓи или смет.

Останати вести