Ексклузивни археолошки откритија вострушко Корошишта стари околу 2.5 милениума

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на прес-конференција во Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид ги претстави најновите археолошки откритија во Охридско-струшкиот регион. Откритијата, датирани од архајскиот период (од пред околу 2.500 години), се значаен придонес кон историјата на Македонија и нејзиното место во европското и светското археолошко наследство.

Некоку денови претходно на социјалните мрежи циркулираше информација дека во Охридско е пронајдена нова златна маска, но тоа не се покажа точно. Локалитетот е во Струшко и се работи за златен накит.

– Пред нас и пред целата јавност ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион. Овие наоди се не само важни за нашата историја, туку и за разбирањето на културите што оставиле траги во светското наследство, изјави министерот Љутков.

Локалитетот на откритијата, во атарот на село Корошишта, Струшко, е идентификуван како некропола од архајскиот период (6 век п.н.е.), која според стручњаците е слична на познатата Требенишка некропола. Во рамки на гробната целина се пронајдени околу 80 артефакти, меѓу кои бронзен шлем, златни прстени, килибарни и стаклени перли, златни фолии со различна декорација, сребрени игли и бронзен сад за вино.

– Овие откритија не само што го прошируваат нашето знаење за културно-историските прилики во регионот, туку и ја зацврстуваат нашата позиција на балканската и европската археолошка сцена, додаде министерот Љутков.

Археологот Перо Арџанлиев, кој го предводи истражувачкиот тим од Археолошкиот музеј – Скопје, информира дека проектот „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ започнал во 2020 година, откако жителот Шефит Шемшедини открил бронзен шлем на нивата и го предал на музејот во Охрид, додавајќи дека наодите ќе бидат конзервирани и јавно претставени и се исклучително значајни за научниот и културниот аспект на истражувањата.

Останати вести