Претседателот на Европскиот совет, Португалецот Антонио Кошта, го посети Скопје во рамките на регионалната турнеја и на премиерот Христијан Мицкоски многу директно му кажа дека ЕУ нема план Б за Македонија и оти треба да се изврши и реализира потпишаното во 2022 година.
Но Кошта како уште позначајни резултати што треба Македонија да ги направи за да ги почне преговорите за членство во Унијата, ги наведе: економски раст, реформи и владеење на правото, изградба и инвестиции со Коридорите 8 и 10.
И покрај тоа што премиерот Христијан Мицкоски кажа дека не прифаќа менување Устав без разговор и отстапки од Бугарија за пресудите Европскиот суд за човекови права од Стразбур, како и без гаранции дека источниот сосед нема да поставува нови барања со кои ќе го нападне македонскиот јазик, претседателот на Европскиот совет кажа дека Унијата нема слух за исполнување такви желби.
– Македонија направи големи напори за да оди напред во приклучувањето кон ЕУ. Мицкоски може да смета на мене и на ЕУ. Ја посетив Бугарија, јасно е што е договорено, нема што веќе да договараме и сега треба да испорачуваме. Не треба да го потценуваме планот А и треба да се фокусираме на неговото остварување. Знаеме што беше договорено во 2022 и тоа мора да се реализира. Разбирам што зборува премиерот: дека го сменивте знамето, името, беше менуван Уставот и сега ви треба гаранција дека веќе нема да има нови барања. Не, не е потребен план Б, само треба да го реализираме планот А, рече Кошта.
Премиерот Мицкоски кажа дека не може да се согласи билатералните прашања да бидат внесени во преговарачката рамка, нешто кое го потпишала претходната влада.
– Не можам да излезам пред граѓаните и да им кажам дека Уставот ќе биде сменет, а Бугарија да не ги имплементира 14-те пресуди на Европскиот суд. Кога ќе имаме чиста позиција од ЕУ и од сите членки во врска со идентитетот и јазикот тогаш ќе разговараме за сè, кажа Мицкоски.
Антонио Кошта и Христијан Мицкоски потоа од Скопје со заеднички лет заминаа за Тирана каде учествуваа на шестиот самит на Европската политичка заедница.