Започна судењето за убиствата на Вања и Панче: „Не сме виновни“ – рекоа сите обвинети (дури и тој што ги посочи гробовите на жртвите)

Планот за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, требало да биде реализиран три дена порано од денот кога се случи нејзиното убиство, ама не успеал зашто обвинетите не стигнале на време да ја грабнат од зградата во која живеела поради метеж во сообраќајот.

Ова произлегува од обвинението со кое обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска во судница ги соочи Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски, на кои им се суди за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

Грабнувањето на Вања, според Обвинителството, било извршено со намера некој друг член на нејзиното потесно семејство да го присилат да даде пари за нејзиниот откуп. Иако дел од обвинетите признаа дека го сториле кривичното дело, па дури и помогнаа обвинителите да дојдат до телата на жртвите, на почетокот на судењето сите во судница се изјаснија за невини!?!?

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Манев, Влатко Видевски и Велибор Кешишев добро се познавале меѓу себе од претходно. Затоа и се договориле заедно да сковаат и да реализираат детален и разработен план.

Тие дознале дека Вања редовно секој петок оди сама на училиште. Дека, според школскиот распоред, нејзината сестра Миња секој петок почнува со настава од втор час. Затоа во петокот планирале да го реализираат грабнувањето на Вања. Тргнале на локацијата, но не успеале да стигнат навреме. Задоцниле поради гужвата во сообраќајот и не го реализирале планираното.

Во неделата, на 26.11.2023 година обвинетите знаеле дека утредента, понеделник 27.11.2023 година Вања по исклучок ќе оди сама на училиште. Нема да оди заедно со својата сестра Миња, која во неделата навечер, добила порака дека утредента треба да оди од вториот час на училиште. За тоа бил известен само обвинетиот Александар Ѓорчевски, рече обвинителката Крстевска-Јосифовска.

Таа продолжи со изнесувањето на деталите од обвинителниот акт посочувајќи дека после еднаш пропаднатиот план, во понеделникот, обвинетите пристигнале навреме, знаеле каде да се движат и да застанат со возилото за да не ги фатат камерите од видео-надзорот.

Насилно ја отвориле влезната врата од зградата за да ја грабнат Вања. Откако претходно го обезбедиле „ситроенот“, обвинетите според дадените инструкции од Љупчо Палевски дошле пред влезот на зградата, каде живее Вања.

Влатко Кешишев чекал во возилото и внимавал да не наиде некој. Велибор Манев со шрафцигер ја отворил влезната врата од зградата па заедно со Боре Видевски, кој носел вреќа за спиење, влегле во зградата.

Ја чекале Вања. Кога Вања излегла од лифтот Боре ја фатил за половината, а Велибор Манев ја држел за нозете. Велибор ѝ ставил селотејп околу устата. Вања ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент, ја свртеле на стомак.

Боре ѝ ги држел рацете, обвинетиот Велибор ѝ ставил пластични стеги на рацете и на нозете по што ја затвориле вреќата. Велибор ѝ ги врзал нозете па со селотејп поминал околу вреќата. И се заканиле да не вика за да не употребат сила.

Во врзана состојба, Велибор ја ставил Вања на рамо заедно со Боре. Ја изнесол надвор од зградата каде Кешишев ги чекал во „ситроенот“. Тој и отворил багажникот. Велибор ја ставил во багажникот. На булеварот „Партизански одреди“ Боре го скршил мобилниот телефон на Вања за да нема сигнал.

По претходно дадените инструкции од Љупчо Палевски, продолжиле да се движат по Качанички пат и кај надвозникот кај село Визбегово се сретнале со Палевски, кој ги чекал со возило „рено кангу“. Во близина на местото викано „Дупки“ во атарот на село Бразда, возилата застанале, рече обвинителката.

Таа додаде дека околу 9 часот и 30 минути Љупчо, Велибор, Боре и Влатко на свиреп начин, со умисла, го лишиле од живот детето Вања Ѓорчевска, изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет: во врзана состојба, онеспособена ѝ било предочено дека ќе биде убиена.

По налог на Љупчо Палевски, Велибор Манев го извадил детето од багажникот, ја ставиле во претходно ископана дупка со димензии 180 на 80 со длабочина од 60 сантиметри, па со пиштол од 9 милиметри обвинетиот Љупчо Палевски преку перниче испукал еден куршум во главата на Вања, со кој ѝ нанел огнострелна повреда на мозокот, рече обвинителката.

Сите обвинети во судница се изјаснија дека се невини. Додека ја слушаше обвинителката, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање, се тресеше и плачеше. Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ вели дека Александар е жртва. Самиот Александар во судница рече дека од денот на убиството на неговата ќерка Вања, тој е ехо од човек и дека сака да се утврди вистината со имиња и со презимиња.

Првообвинетиот Палевски на првото рочиште рече дека воопшто не се познавал со Александар.

Палчо: „Ова е монтиран процес, каква изнуда за откуп ако претходно ископале дупка за гроб“?

За Љупчо Палевски обвинението е „извршување политичка наредба“. Рече дека Обвинителството нема никаков доказ оти бил присутен на настаните: ДНК анализите покажале дека нема негови траги во возилото „рено кангу“, а мобилниот телефон бил лоциран на други локации за што имал и сведок. Уште побара да не се кажува дека тој бил во бегство бидејќи легално ја поминал границата кон Србија, а по тоа и кон Турција каде одел да го лечи грбот кој не му била во функција 70 проценти и имал проблеми на десната нога.

– Поради огромниот медиумски притисок јас сум осуден уште пред да сум обвинет. Сакам да потенцирам дека еден од обвинетите (Кешишев -з.н.) под притисок и тепање ме посочил мене како сторител. А, пак, името на таткото Александар се појавува на 5 декември, откако еден од инспекторите му рекол да го каже.

Зборувајќи за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, Палевски продолжи:

– Овој родител, наместо да плаче по своето дете, од полицијата е наместен за да се изготви лажен мотив и врска меѓу мене и него. Јас не го познавам Александар. Сето ова е според лажен исказ на еден од обвинетите кој сака да избегне доживотен затвор. Нема никаква комуникација меѓу мене и Александар иако Обвинителството во обвинението напишало дека од него се добиени информациите, рече Палчо.

Се пожали дека не можел да најде адвокат, зашто против него се води монтиран процес.

– Мотивот е вештачки. Така е вмешан и таткото Александар. А никој не праша каде сте требале да го чувате детето додека чекате откуп. Нема повик од никој кон мајката да бара откуп. Дупката е претходно копана за да биде убиена, не за да се бара откуп.

Самото ЈО пишува дека дупката е претходно ископана. Деведесет проценти од моите приложени докази се доказите од форензиката на МВР. Обвинителот не говори вистина. Ерол Османи е еден сведок, кого го кријат во списите. На 22 ноември (кога е убиен Панче Жежовски, н.з.) му поправав котел, рече Палевски додавајќи дека „обвинителството не го обезбедило движењето на Палевски според базните станици кое може да се утврди преку неговиот мобилен телефон“.

Според обвинението, убиството на велешанецот Панче се случило откако тој прво бил грабнат од дома и однесен кај месноста „Рудник“, каде бил убиен на свиреп начин. И за Панче претходно била ископана дупка.

Во обвинението е наведено дека кај обвинетите немало чувство на каење и дека биле уверени дека нема да бидат откриени, а кога првообвинетиот Палевски претпоставил дека ќе биде откриен заминал од државата во Србија, па во Турција. Палевски пак во судница тврдеше дека и самиот тогашен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кажал дека Палевски не би можел да добие дојава од МВР за да бега – бидејќи на денот кога излегол од државата не бил осомничен. За Палевски неговиот пат за Турција бил планиран и не бил бегство – требало да направи магнетна резонанца на грбот во Турција поради 70-процентна нефункционалност.

– Да сакав да бегам ќе организирав вистинско бегство, а не да одам на однапред закажани прегледи, рече Палевски.

Неговиот адвокат доделен по службена должност, Марјан Витановски, прстот го впери кон другите обвинети: Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев за кои кажа дека Обвинителството нашло траги кои ги поврзуваат со грабнувањата и убиствата. Кога беа приведени признаа вина и ја однесоа полицијата до телата на жртвите.

Како тоа сега сите невини а „дувале во иста тиква“!?

Откако го слушнаа обвинението Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски, кој е татко на девојчето и Љупчо Палевски – Палчо рекоа дека разбираат за што се обвинети, но негираат вина. Кешишев, Видевски и Манев воопшто не се обратија освен само кога беа запрашани дали се чувствуваат виновни на што негативно одговорија, а нивните адвокати дека ќе докажат оти обвинителството нема докази за делата за кои ги товари.

Адвокатот на обвинетиот Велибор Манев рече дека дошле до сознанија за празнина во доказите а кои се однесуваат на оружјето со кое е извршено делото.

Пиштолот со кој се убиени жртвите се уште не е пронајден. Се знае дека бил со калибар 9 мм.

– Дојдовме до сознанија, кои ќе ги презентираме дополнително, од кого е предметниот пиштол, каде е даден и засолнат и да се пронајде, рече адвокатот Горан Бошевски.

Според него делата за кои го товари обвинителството не се оние кои ги сторил неговиот клиент како учесник во настаните.

И адвокатот на Боре Видевски тврди дека Обвинителството нема докази дека воопшто е присутен на местата на злосторствата па со тоа не постои негова вмешаност.

Истото го тврди и адвокатот на Влатко Кешишов.

Познато е и за тоа сведочат нивните заеднички фотографии објавувани со години на Фејсбук, дека Велибор, Боре и Влатко биле многу често во друштво со Љупчо Палевски, особено дека сите членувале во партијата “Десна“ (чиј лидер беше Палчо).

Обвинителството побара да се изземе јавноста од следење на расправата, затоа што такво барање добиле од мајката на Вања, Зорица. Таа доставила психијатриски вештачења за пост-трауматско стресно растројство, кое било засилено од медиумското известување за случајот. Судот не го прифати ова и јавноста останува вклучена во следењето на судењето. За следното рочиште, на 7 октомври, токму Зорица Ѓорчевска е повикана за сведок од судот, заедно со бабата и детото на Вања.

Останати вести