Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го почнаa шестиот проект „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) во чии рамки 12 студенти од САД, Канада, Велика Британија и Швајцарија ќе имаат тринеделен студиски престој во земјата.
Целта на „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во земјата, а активности може да придонесат и за поинтензивна соработка со дијаспората.
Џејмс Трентос, Александар Крстовски, Ела Ерскин, Нина Ерскин, Ангела Ефремова, Мила Кулевска, Ангела Јосифовска, Александар Петрушевски, Александра Влчевска, Христијан Доумкос, Наум Хофман и Метју Костов ќе бидат на студиски престој кој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси. Праксата ќе ја извршуваат во Министерството за правда, Министерството за финансии, Управа за јавни приходи – Регионален директорат во Битола, Музејот на македонската борба, Битолска лабораторија, Адвокатска канцеларија “Спирески“, Адвокатскo друштво “ДДК“, “BtoBet“, “iSOURCE“, “Зоотроп студио“, “Еко свест“ и МЦМС, соопштија организаторите.
За време на нивниот престој, дел од нив ќе живеат со семејства-домаќини и одблизу ќе можат да го видат секојдневието и културата на Македонците. МЦМС организира и дополнителни активности за време на викендите кога студентите ќе можат да посетат културни манифестации.
– Оваа година „Родум од Македонија“ има два своевидни куриозитети. Ќе дочекаме досега најголема група млади луѓе, вкупно 12 и првпат „Родум од Македонија“ го организираме и надвор од Скопје, односно во Битола, рече Питер Далас, член на Советот на ОМД, роден во САД, а со потекло од Гевгелија и од Егејска Македонија.
Како што наведуваат во соопштението, причината за почнувањето на овој проект е загриженост од слабеењето на врските на Македонците со нивните корени.
– Врските слабеат особено кај младите од најпрвите генерации Македонци кои живеат во странство поради растечката асимилација. Затоа сакав да направам нешто за да им помогнеме на Македонците во странство да ја задржат нивната врска со татковината, истакнува Далас.
Проектот „Родум од Македонија“ почна во 2015 година и се организираше во континуитет до 2019 година. Беше во мирување две години заради пандемијата од ковид-19.
– Дел од учесниците од претходните години го нарекоа престојот во Македонија “неверојатно искуство“ што треба да го има секој млад човек со потекло од Македонија. Дел од нив беа трета генерација родена надвор од Македонија, а прва кога се враќа во Македонија по иселувањето, соопштија МЦМС и ОМД.