За два месеца ќе се знае дали „Градски воз“ во Скопје е исплатлив проект

Градежниот факултет во Скопје ја довршува физибилити студијата која ќе треба да даде одговор дали проектот „градски воз“ за главниот град воопшто е исплатлив. Професорите од Градежен ја утврдуваат состојбата на пругите и сигнализацијата на трите постојни траси, кои од Железничката станица „Скопје“ водат кон периферијата.

Станува збор за пругите Скопје – Илинден – Миладиновци (20 километри), Скопје – Драчево – Зелениково (25 км) и Скопје – Ѓорче Петров – Волково (18 км).

– Ова е идејата што ја најави министерот Николоски. Ги прегледуваме состојбата на пругите и на сигнализацијата. Претпоставуваме дека во изминатите декади има нови населени места кадешто има зголемен број на популација. Тоа претпоставувам ќе побара некои нови стојалишта и некои нови малечки железнички станици, вели директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.

Студијата ќе треба да покаже колкава ќе биде побарувачката за користење на „Градскиот воз“ на годишно ниво за минимум 10 наредни години, но и фрекфенција на возот на дневно ниво. Градежниот факултет ќе треба да изготви и анализа на животниот век на проектот, како и трошоците за негова работа и одржување.

Доколку студијата покаже дека е еконоски исплатливо, според најавите на надлежните, градежните работи треба да почнат уште во првото полугодие од 2025.

– Ќе направиме сериозни напори барем една од овие три главни траси во Скопје да биде во функција до крајот на оваа година, вели Ивановски.

„Градски воз“ треба да биде алтернатива за граѓаните од периферијата на ужасно лошиот јавен превоз во главниот град.

Во овој проект не е вклучен возот кој е планирано да сообраќа до Меѓународниот скопски аеродром во Петровец. За него ќе треба да се изгради нов крак на трасата од Миладиновци и оваа идеја сè уште е во рана фаза.

Screenshot

Останати вести