Интересот за купување станови во Охрид не спласнува, а освен скопјани купуваат и странци: Турци, Германци, Италијанци…
Во Охрид се гради на големо. Охридскиот регион станува се поинтересен за инвеститорите во станови. Трендот кој започна пред две години сè уште трае. Ова го потврдуваат и статистички податоци, според кои само во април инвеститорите од овој регион добиле одобренија за изградба на 232 стана. Од Агенциите за недвижности во Охрид велат дека и покрај високите цени има интерес за купување. Освен скопјани, во Охрид последниве години станови купуваат и странци – најмногу Турци, Германци, Италијанци…
Побарувачката на станови во Охрид далеку ја надминува понудата, што секако се рефлектира на пораст на цените. Цената на новоизградените станови долж крајбрежјето (во првиот ред, што се вика) и во центарот на Охрид достигнуваат рекордни 4.000 евра за м2 (над A$7,000). Во новоградбите во централното градско подрачје квадрат станбен простор моментално може да се купи и по цена од 1.500 (A$2.700)до 3.000 евра (A$5,300), пренесува скопски „Вечер“.
Високи се и цените на становите што се уште се во градба – кај Билјанини Извори се движи околу 1.400 евра, на влезот во Охрид, кај бензинските пумпи, цената на квадратот во градба е од 1.300 до 1.400 евра, додека во центарот на градот кај општината се нешто поскапи и таму цената на квадратот е околу 3.000 евра. Најскапи се становите кои се во непосредна близина на хотелот „Јуник“, во близина на холандскиот парк, на кејот на Охридското Езеро, кои се продаваат по 4.000 евра за квадратен метар во фаза на градба.
Становите што се продаваат во постарите објекти, зависно од локацијата и состојбата во која се наоѓаат, можат да се најдат од 1.000 евра па нагоре. Најбарани се гарсониерите, односно станови со површина 30-50м2, кои најчесто се користат како викенд-станови за одмор и или за изнајмување на туристи.
Од 2020 година до денес цените на становите во Охрид се покачени за околу 100%, односно се двојно повисоки. Овој драстичен пораст на цените покрај на огромната побарувачка се должи и на инфлациските движења, пораст на цените на градежните материјали, недостатокот на работна сила….
Последните податоци на Државниот завод за статистика за издадени одобренија за градба покажуваат дека инвеститорите се повеќе го избираат Охрид за градење станови. Овој регион е втор по бројот на станови кои се градат или ќе се градат. Според официјалните статистички податоци само во април инвеститорите од Охридскиот регион добиле одобренија за изградба на 232 стана. Но, Скопскиот регион и натаму е најпривлечен за инвеститорите кои добиле одобренија за градење на 266 станови, додека, пак, како трет регион каде што се интензивира станоградбата е Полошкиот регион со одобренија за изградба на 125 станови.
Повеќе од 50% од становите во Охрид – се празни!
Според Пописот од 2021 една третина од становите (домовите) во Македонија се празни. Од евидентираните 839.174 домови, во 307.187 немало жители. Тоа претставува 36.6% од становите.
Во Охрид состојбата е уште подрастична – таму се празни повеќе од половина од становите – од 33.660 дури 17.820 немаат постојани жители.