За трагедијата во Кочани осомничени вкупно 34 лица

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот соопшти дека верижни пропусти и незаконити дејствија му кумувале на пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани. Осомничени се 34 физички лица.

На катастрофалниот пожар во Кочани му претходеле серија верижни пропусти и незаконити дејствија од државни и локални органи, правни и физички лица, соопшти државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Покренати се две истраги: едната против 27 лица и три фирми а втората против 7 полициски службеници.

– Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери, изјави Коцевски.

Уапсени од екс-министер до продавачот на билети!

Тројца од осомничените се одговорни лица, сосопственици или управители во клубот. Коцевски извести дека ЈО има сомнение оти првоосомничениот ја добил лиценцата за работа за периодот од 13 март 2024 до 13 март 2025 со поткуп на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија. Неофицијално се зборува дека сумата изнесувала 200.000 денари (A$5,500).

Меѓу осомничените е и сопственичка на геодетска фирма од Кочани која го изработила основниот проект за „дискотеката“ во 2010 година. Очигледно таа никогаш не го видела објектот во живо но врз основа на тој проект потоа во континуитет добивал лиценца за работа.

Од Министерството за економија осомничени се поранешниот министер за економија Кресник Бектеши, поранешниот државен секретар Размена Чекиќ-Дуровиќ, раководител на сектор Беким Хаџиу, раководител на одделение и помлад соработник. Ако е познато дека кабарето со години наназад работело на диво, тогаш се поставува прашањето дали треба да се бара одговорност и кај другите четворица министри за економија што ја вршеле функцијата во периодот на дивото работење на објектот.

Од Државниот пазарен инспекторат осомничени се поранешен директор и три службени лица инспектори, кои во последните пет години ниту еднаш не извршиле контрола над работењето на дискотеката „Пулс“, вели Коцевски.

Понатаму, уапсени се и тројцата градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до денес: Ратко Димитровски (2009-2017, ВМРО-ДПМНЕ) , Николчо Илиев (2017-2021, СДСМ) и последниот – Љупчо Папазов (ВМРО-ДПМНЕ), кој воопшто не се појави во јавноста, само преку фејсбук објави дека поднесува оставка.

Уапсени се и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, кои не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување и му овозможиле на објектот да работи.

Како што кажа обвинителот Коцевски, со домино-неодговорности дошло до кобниот ден – недела, кога во кабарето настапувала популарната хип-хоп група “ДНК“, за чиј концерт не бил склучен задолжителен писмен договор, а пиротехниката била нелегално донесена и активирана. Истрагата ги опфаќа организаторот на концертот, вработени во обезбедувањето што дозволиле да се преполни дискотеката, овозможувајќи и влез на малолетници. За последново е осомничено лицето што ги продавало билетите на влезот. Во моментот на пожарот, внатре имало 650 луѓе, меѓу кои 31 дете.

Иако жителите на Кочани бараа амнестија за членови на обезбедувањето, бидејќи спасиле десетици деца од пламените јазици, сепак, обвинителот Коцевски вели дека тоа што спасувале е една работа, а нивната одговорност е друга. Според Коцевски, ним на товар им се става и фактот дека дозволиле пиротехничка „фонтана“ во преполна дискотека со низок плафон. Осомничени се сопственикот и управителот на агенцијата за обезбедување од Скопје и вработениот во подружницата во Кочани (избегнато е јавно да биде кажана фирмата).

Лажна лиценца и лажен газда – шанкерот во клубот

Според „фалсификуваните лиценци”, зад клубот „Пулс“ во Кочани стои правното лице „МММ Кафе“ – Кочани. Таква фирма постои во Централниот регистар и е основана во 2020 година, а нејзин газда тогаш бил извесен Митко Стојанов. Во декември 2023 година фирмата ја презема извесен Александар Карадакоски и е нејзин сопственик до ден денес, барем според податоците во Централниот регистар. Александар Карадакоски, кој е повреден во пожарот, бил шанкер во клубот ама вистински сопственик и човекот кој преку 15 години наназад „го тера“ бизнисот со дискотеката е локалниот батка Дејан Јованов – Деко. Тој е човекот кој ги договарал настапите а во бизнисот му помагал и неговиот син.

Во притвор се и седум полициски службеници од Штип и Кочани.

– Ова е само почеток на обемната истражна постапка и натаму ќе се преземаат дејства. Ветив брза и ефикасна истрага. Сега замолувам сите да бидат смирени, да им се даде простор на органите квалитетно да ја завршат истрагата која ќе заврши со поднесување на обвинение, изјави Коцевски.

На речиси половина од осомничените им е определен притвор од 30 дена, вклучувајќи го и ексминистерот, државните службеници, ексградоначалниците, полицајците…

За сите осомничени кривичното дело кое е под истрага носи казна од 3 до 20  години.

Тошковски: Чувствувам морална одговорност но сега не е време за тоа

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека чувствува морална одговорност но дека сега е време за дејствување. Додаде дека МВР нема обврска да го обезбедува секој угостителски објект во Македонија, а во предметниот случај немало пријава до МВР за потреба на припадници на полицијата. Наводно вечерта во „Пулс’ имало акција на полицајци од одделот за борба против недозволена трговија со дрога (внатре бил еден а надвор втор), но во јавноста не се појави факсимил од Наредбата за таа акција.

Сумирано ова се досега познатите информации за случајот:

• Во 2:32 часот, утрото на 16 март 2025 година, членовите на бендот „ДНК“ активирале пиротехничка „фонтана“ (прскалка) во кабарето „Пулс“ во Кочани;
• Во тој момент во дискотеката се наоѓале околу 650 гости (иако дозволениот капацитет на клубот бил 250);
• Меѓу загинатите 59 луѓе, шест се малолетници;
• Од повредените 197 луѓе, 25 се малолетници;
• Кај сите 59 починати констатирана е смрт поради задушување. Неколкумина имале и изгореници а кај четири има и скршеници – последица од стампедото;
• 27 лица и 3 фирми се осомничени за различни кривични дела поврзани со трагедијата, меѓу нив ексминистер, високи и пониски државни службеници, поранешни градоначалници. Со втора истрага осомничени се уште 7 полициски службеници;
• Три лица од повредените се меѓу осомничените, меѓу нив и преживеаниот припадник на дуото „ДНК“;
• Сите осомничени се обезбедени од страна на полицијата.

Останати вести