”Левичарите мавале со јајца по фашистите у Охрид!? Е ако де. Секој мава со тоа шо го има“, коментираше Апасиев чија партија беше организатор на протестот
Со пароли, знамиња и скандирања неколку стотици граѓани во Охрид излегоа на протест против отворањето на бугарскиот културен центар „Цар Бори Трети“ од истоименото здружение на Бугарите во Македонија. Протестот го организираше Левица, а го поддржа и ВМРО-ДПМНЕ. Се пееја македонски песни, македонската химна, се извикуваше „фашисти“ и „Татари“. Неколкумина револтирани демонстранти фрлаа со јајца но за кратко беа спречени од полицијата. Имаше обид еден од фрлачите да биде приведен, но полицајците не успеаја да го оттргнат од толпата. Подоцна МВР објави дека против лицето е покрената прекршочна постапка.
Инаку демонстрантите рекоа дека за фашизмот нема место во една демократска земја. На паролите пишуваше: „Фашизмот мора да падне, ова не е место за бугарскиот Хитлер“, „Со фашисти не сме исти, ние сме антифашисти“. „Ова е фашистички клуб. Цар Борис е фашист, а во една демократска земја за фашисти нема место“.
– Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чувствува, но името е провокативно – и цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола. Немаме ништо против нивната определба, нека си кажат како се чувствуваат, но имињата се провикативни – велеа насобраните граѓани во анкетите што ги правеа повеќе медиумски куќи.
Кордонот полицајци не дозволи насобраниот народ да дојде преблиску до клубот во кој беа преставниците на бугарскиот културен центар, бугарскиот амбасадор, конзулите од Скопје и Битола, спознорот на клубот бизнисменот Милен Врабески и преставници на политички партии од Бугарија.
Царот Борис Трети, по кој е именуван бугарскиот клуб во Охрид, владел со Бугарија од октомври 1918 година до неговата смрт во август 1943 година. Во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“ зашто во соработка со силите на Тројниот пакт земјата ја проширува во границите на Санстефанска Бугарија. Во април 1941 тој дозволи германските сили од територијата на Бугарија да го нападнат Кралството Југославија, и за награда доби територии од распаднатата југословенска држава и Грција, меѓу кои голем дел од денешна Македонија. Во март 1943 година, Бугарија депортираше над 11.363 Евреи од окупираните територии во концентрационите логори Аушвиц и Треблинка. Почина неочекувано на 28 август 1943, набрзо по посетата на Хитлер. На престолот го наследи син му Симеон Втори, кој остана на чело на бугарската држава до септември 1946, а потоа децении живеше во егзил. Од јули 2001 до август 2005 беше премиер на Бугарија под името Симеон Сакскобургготски. Имено тој дал дозвола клубот во Охрид да го носи името на неговиот татко, што бил услов за законска регистрација во Централниот регистар.
Министерството за правда но и ВМРО-ДПМНЕ истовремено поднесоа измени во Законот за здруженија со кои треба да се спречи понатамошно ставање на имиња на граѓански здруженија според контроверзни личности.
Ќе видиме дали измените ќе го спречат најавеното отворање на следниот бугарски клуб во Богданци со името на царот Фердинанд Сакскобурготски, таткото на Борис Трети.