Пишува: Стојан АНДОВ
Не можеме да прифатиме да зборуваме за „заедничка историја со бугарскиот народ до 1945 година“. Нашиот народ тој период го доживува како сопствено ослободување од бугарските, германските и од италијанските фашистички окупатори. Не можеме да прифатиме заедничка одговорност за стрелањето цивили, и тоа без каква било вина, дури и на младинци, како во Ваташа, потоа во тиквешките села Шивец, Возарци, Трстеник и други села, како и за стрелањето македонски цивили во Гевгелиско, Струмичко, Кумановско, Прилепско и во други региони во Македонија.
Македонскиот народ во тие настани е жртва и не градел и остварувал заедничка историја со бугарскиот народ. Македонците, само во случајот на Конско, Гевгелиско, остварија заедничка историја, кога македонските партиски раководители успеаја да се договорат со бугарските фашистички војници во Конско да пребегнат кај македонските партизани.
Во договор со бугарскиот поручник Дичо Петров, на 15-16 декември 1943 година, Првиот баталјон на Третата оперативна зона на НОВ (Народно ослободителната војна) и ПОМ (Партизанските одреди на Македонија) „Страшо Пинџур“ ја нападнале бугарската гранична единица во селото Конско, Гевгелиско, и караулите Коњски Гроб и Брце на планината Кожуф, при што биле заробени 61 војник и еден подофицер со целокупното вооружување и опрема.
По одлука на ЦК на КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПОМ им било предложено да преминат на страната на народноослободителното движење. Притоа 16 од нив одбиле да им се приклучат, по што биле разоружани и пуштени на слобода, а тројца успеале да избегаат. Од преостанатите, порано заробените и доброволно придојдените бугарски војници бил формиран новиот баталјон.
За командант бил назначен Дичо Петров, а за политички комесар Бугаринот Трифун Трифунов-Балкански. Баталјонот бил накратко во составот на Втората македонска бригада, а потоа, заедно со баталјонот „Стив Наумов“, влегол во составот на групата баталјони на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.
Баталјонот извршил напад на бугарската гранична единица во селото Конско, во борбата против германските сили во Меглен на 10 јануари 1944 година и учествувал во Февруарскиот поход (31 јануари – 25 февруари) и во разбивањето на Прешевската и Жеглиговската четничка бригада (од 29 февруари) кај селото Селце.
Тука им се придружиле и сите бугарски војници што пристапиле на другите единици на НОВ и ПОМ и ПОЈ, на кумановско-врањското подрачје. По преминувањето во подрачјето на Црна Трава, во март 1944 година влегол во составот на новоформираниот Трнски бугарски партизански одред, од кој подоцна била формирана бугарската Втора софиска бригада.
Значи првиот бугарски партизански одред „Христо Ботев“ е формиран во Македонија. Тоа беше вистински пример на правење заедничка ослободителна историја од фашизмот на Бугарија и Македонија. Трифун Трифунов-Балкански по војната, кога бев градоначелник на Кавадарци, го посети нашиот град и им оддаде почит на стреланите ваташки младинци од бугарските фашистички војници.
Бугарија, како членка на ЕУ, го користи правото на вето во однос на Македонија и го попречува нашиот пат во заедничкото европско семејство, што не е во интерес на двете земји и народи. Бугарија од нас бара преформулирање на учењето за бугарската „фашистичка“ окупација во текот на Втората светска војна.
Но, по слични прашања од историјата Бугарија има поинаков однос кон земјите-членки на ЕУ, на пример со Грција. За тоа е сведоштво искажувањето на Стефан Стојанов, бугарски амбасадор во Грција од 2002 до 2006 година, кој беше и пратеник во бугарскиот парламент од СДС (Сојуз на демократските сили), во емисијата „Слободна зона“ на бугарскиот новинар Георги Коритаров, од 4 март минатата година со наслов „Што пишува за Бугарите во грчките учебници по историја“, достапно на интернет на ТВ Европа.
Новинарот Коритаров, во воведот на емисијата вели: „Наше барање е да бидат ревидирани учебниците по историја во Македонија од кои бараме да бидат извадени сите квалификации што Бугарија ги смета за непримерни, како на пример „окупатори“, „фашисти“ „Татари“ итн. Јас еднаш веќе споменав дека проблемите што Царството Бугарија ги создавало на Балканот во периодот 1941-1944 година не завршуваат само со окупацијата на територијата на денешна Северна Македонија. Не завршуваат и со депортацијата на еврејското население оттаму. Тие проблеми ја зафаќаат и територијата на Егејска Македонија, која се наоѓа во рамки на Република Грција. Ете зошто денеска ќе пројавиме интерес за тоа што пишува во учебниците по историја во Република Грција“.
Стојанов, покажувајќи ги двата учебника пред камерите од кои се учи во последните два класа во средното образование во Грција, истакна: „Ова се учебници по историја. Сум потцртал работи кои суштествено се разликуваат од нештата што ги има во нашите учебници по историја. Би сакал да подвлечам дека таму системот на образование не е како во Бугарија. Нема толку многу учебници по историја. За секој клас и за секоја година, односно за секој предмет има еден единствен учебник, одобрен од Министерството за образование.
На пример, пишува дека Грција била окупирана од три држави. Италија, Германија и Бугарија што е наречена „нацистичка“ и пишува: „во септември-октомври 1941 година убиени се 5.016 жители на Драма и селата окупирани во реонот. Се кажува дека тоа е дело на нашиот народ. Не пишува царските војски, републиканските војски, пишува Бугарите. И нешто повеќе – секоја година, таму во присуство на претседателот на Република Грција, се одбележува, се дава почит на жртвите во Драма.
Подолу во учебникот има и други настани, за кои не пишува „Бугарите“, но пишува: „на 5 април 1944 година во селото Клисура, кај Костур, ликвидирани се 270 старци, жени и деца. Не пишува кој го направил ова, пишува нацистичките окупатори, но ако тргнете кон деталите, на пример препорачаната литература за овие настани, ќе видите дека таму има еден Бугарин кому ние тука сме му издигнале спомен-плоча и кому ВМРО (на Каракачанов) редовно оди да му го чествува името, Андон Калчев, кој е чествуван како херој, а тој е суден, всушност има две пресуди за него, едната е на доживотен затвор, другата е смртна пресуда, која е извршена, и него го осудиле затоа што водел бугарска група, која заедно со дел од германските војски, го извршиле тој престап во Клисура“.
На забелешката на новинарот Коритаров дека тој човек се смета за херој во Бугарија, Стојанов одговори: „Точно така. Нашата историографија за него кажува различно од тоа што го кажува грчката историографија, ние велиме дека тој е наклеветен, дека тој не го направил тоа… не велам кој е виновен, кој не, само велам дека има разлики. Има и други такви настани, не сакам да кажам кој е крив, а кој е прав, но нашата историја овие настани ги опишува на различен начин, дека виновни се Германците, Италијанците, дека Бугарите се наклеветени“.
Новинарот Коритаров потоа го праша Стојанов дали има некаков факт дека Бугарите учествувале во убивањето на 5.000 луѓе, а Стојанов одговори: „По мене, побитен е фактот дека има разлика и дека ние имаме двоен стандард: еден кон Скопје, а друг кон Атина. Ние сакаме учебниците во Скопје да се испечатени по наш начин, но тоа истото не го истакнуваме кон Атина.
За Кирил и Методиј пишува дека византиската држава имала политика да ја внесе византиската цивилизација меѓу Словените и со таква цела работат Кирил и Методиј. Во еден момент, бугарскиот цар Борис тргнал да преговара со папата откако се наложило да се употреби воена сила кон бугарската држава, по што бугарскиот цар Борис се предал и во знак на покорност лично од византискиот император го примил христијанството. Тие се испратени малку да ги упристојат варварите. Грчкиот образовен систем ги учи децата дека Кирил и Методиј се Грци, од средновековната грчка држава Византија и Кирил и Методиј прават обид да цивилизираат варварски народи“.
На укажувањето на Коритаров дека станува збор за драстична разлика во учебниците и двојни стандарди, еден кон Скопје, а поинаков кон Атина, поранешниот амбасадор и пратеник Стојанов вели: „Да не бидам погрешно разбран. Односот кон Атина е правилен, односот кон Скопје не е. Не е правилно на државно ниво да се поставуваат прашања од историски карактер. Во Грција, четврт век веќе има Министерство за Македонија и Тракија. Што значи тоа? Никој во Бугарија не зборуваше ништо! Педесет и еден отсто од Македонија е во Грција. Осумдесет отсто од бегалците што дошле во Бугарија од Македонија, дошле од грчкиот дел. Тие не дошле од Скопје“.
И за крај на оваа колумна, заклучокот на новинарот Георги Коритаров: „За првпат слушате сензационални нешта со страшна разлика во нашиот однос кон Скопје и Атина. Од Македонците бараме да ги сменат учебниците, од Грците не бараме ниту „Г“.
Георги Коритаров, квалитетен и сериозен новинар, за жал, почина еден месец по споменатата емисија. Беше обвинуван дека „ги подржувал претензиите за постоење македонско малцинство во Бугарија и дека настојувал Бугарите да ја признаат историската вина на Царството Бугарија за депортирањето на Евреите од Македонија во март 1943 година“.
(Првпат објавено во “Фокус“)