Азискиот фудбал предизвика бум на Светското првенство во Катар. Две азиски земји и Австралија, која се натпреварува под Азиската конфедерација, играа во елиминационата фаза, а Саудиска Арабија собра многу симпатии со победата над Аргентина во групната фаза.
Токму Саудиска Арабија е единствен преостанат кандидат за организација на Азиското фудбалско првенство во 2027 година, откако Индија ја повлече својата кандидатура, објави Азиската фудбалска федерација (АФЦ).
Извршниот одбор на Азиската фудбалска конфедереција (АФЦ) во септември го објави потесниот круг со кандидатурите на Саудиска Арабија и Индија, откако претходно се повлече Катар и понуди да биде домаќин на Азискиот куп 2023 по откажувањето на Кина.
Кандидатурата на Саудиска Арабија ќе биде единствената која ќе биде претставена на Конгресот на АФЦ во февруари идната година, кога на средбата во Бахреин ќе се одлучува за домаќинот. Индиската фудбалска федерација како причина за повлекувањето на кандидатурата ја наведе потребата да се фокусира на „изградба на темелот на правилна фудбалска структура“.
Саудиска Арабија трипати ја освојуваше континенталната титула, но досега ниту еднаш не беше домаќин на Азискиот Куп. Бранител на титулата е селекцијата на Катар, која во 2019 година во финалето ја совлада Јапонија.