Отворена е истрага за злоупотреби во затворот во Шутка со која се опфатени повеќе затворски полицајци, надзорници, но и дел од поранешното раководство на затворот. Скопската полиција ги уапси поранешниот директор на КПУ Затвор „Скопје“, Филип Андонов – Сокол, како и неговиот најблизок соработник, заповедник во затворот Сашо Крстевски – Ѕверот.
Според првичните информации, станува збор за организирана криминална група, составена од 10 сегашни и поранешни затворски службеници, осомничени за злоупотреба на службената положба, овозможување бегство и незаконско ослободување на затвореници. Тие се гонат за „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ и кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Кривичните дела се сторени од март до јули 2024.
Првоосомничен е поранешниот директор на Затворот „Скопје“, Филип Андов-Сокол. Второосомничен е командирот на затворска полиција, а третоосомничен затворски полицаец и личен возач на директорот.
Останатите осомничени се затворски полицајци, кои иако знаеле дека работат спротивно на законот и процедурите, го извршувале тие активности користејќи службени возила и службено гориво на установата и ги носеле осудените до определените места ослободувајќи ги да извршуваат приватни работи, а по 8 до 10 часа ги враќале назад во затворот, посочуваат од ОЈО ГОКК.
Десетоосомничениот затворски полицаец не пријавил дека одредена група на осуденици кои биле сместени во импровизирани простории не се присутни. При ненајавен вонреден надзор, Управата за извршување на санкции констатирала дека недостасуваат 11 осуденици.
Јавното обвинителство соопшти дека побарало само поблаги мерки на претпазливост против осомничените за злоупотреби во Затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Инаку, Филип Андов-Сокол беше именуван за директор на Истражниот затвор во Шутка во 2020 година, а претходно му беше советник на тогашниот премиер Зоран Заев за креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје. Пред тоа менаџираше локални барови и имаше еден неуспешен обид за угостител.
Пуштал да шетаат на слобода пет осуденици од висок безбедносен ризик, дури им дал и обезбедување!?
– Менаџерот на затворот и други лица ја доживувале институцијата затвор како трговец-поединец или приватно правно лице кое се занимава со туристички услуги – незаконито им овозможувале на лица осудени, за кои постои висок безбедносен ризик, да користат привилегии кои по закон не им следуваат, рече министерот Тошковски на „Канал 5“ телевизија.
Просто кажано, додаде тој, осум до десет часа спротивно на закон со затворска полиција ги спроведувале до одредени локации, во нивните домови или други локации каде што уживале привилегии.
– Притоа биле чувани од затворските полицајци кои се платени од граѓаните. Тие го користеле ова отстуство од законот и спроведувањето и чувањето од затворската полиција за приватни потреби според документација, а тоа какви се тие потреби ќе биде утврдено дополнително. Тоа не било за здравствени услуги, ниту пак да бидат достапни на органите на прогон, туку за други приватни потреби кои немаат законски основ во македонското законодавство. За извршената наредба на осомничените затворски полицајци првоосомничениот им одобрувал прекувремени работни часови, рече Тошковски.
Ова, додаде, се привилегии кои на одредени лица им било овозможено да ги користат, а мотивите се претпоставува дека се лукративни, но тоа, според министерот, дополнително ќе се утврди.