Пред секое светско и европско првенство во фудбал стана пракса медиуми да претпоставуваат каков би бил тимот на Југославија, ако таа земја се уште постоеше.
Така аргентинскиот автор Клаудио Дарио Родригез преку американскиот сајт „Спортингњуз“ шпекулира кои играчи би можеле да влезат во таа „носталгична“ селекција на Југославија, а меѓу нив се споменуваат и македонските репрезентативци Елиф Елмас, Езгјан Алиоски и Столе Димитриевски.
Според авторот тимот на таа замислена денешна Југославија би се состоел главно од српски и хрватски играчи. На позицијата голман најверојатни опции би биле Словенците Јан Облак (Атлетико Мадрид) и Самир Хандановиќ (Интер). Но можни се и други опции од највисоко ниво како Македонецот Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано), Србинот Марко Димитровиќ (Севиља), Босанецот Асмир Беговиќ (Евертон)…
Одбранбената линија би се состоела од Хрватот Шиме Врсаљко (Олимпијакос), Србинот Никола Миленковиќ (Фјорентина) и Црногорецот Стефан Савиќ (Атлетико Мадрид), Босанецот Сеад Колашинац (Олимпик Марсеј). Оние што би чекале шанса да влезат во тимот би биле нашиот Алиоски (Фенербахче), Црногорецот Адам Марушиќ (Лацио), Дејан Ловрен (Зенит), Јошко Гвардиол (Лајпциг), Косовецот Амир Рахмани (Наполи)…
Средниот ред би бил предводен од капитенот Лука Модриќ (Реал) со неговиот сонародник Марцело Брозовиќ (Интер), Србите Сергеј Милинковиќ-Савиќ (Лацио) и Филип Костиќ (Јувентус). Шанса од клупата би чекале македонскиот репрезентативец Елиф Еалмас (Наполи), Матео Ковачиќ (Челси), Иван Ракитиќ (Севилја), Иван Перишиќ (Тотенхем) од Хрватска, Србинот Немања Матиќ (Рома)…
Нападот би бил предводен од Србинот Душан Влаховиќ (Јувентус), Босанецот Един Џеко (Интер), Србинот Душан Тадиќ (Ајакс).
На клупата на овој тим „со кој ниеден противник не би сакал да се соочи“ аргентинскиот автор кој пишува за американскиот сајт предлага двоец, селекторот на Србија Драган Стојковиќ и изборникот на Хрватска Златко Далиќ…
На Мундијалот во Катар (20 ноември – 18 декември) од екс-ју републиките ќе учествуваат светскиот вицепрвак Хрватска и Србија.