Алијанса за Албанците на Арбен Таравари ќе остане во коалицијата „Вреди“, но сепак на локалните избори сака да излезе со сопствена листа на кандидати. Но оваа политичка ситуација „ни риба, ни девојка“ не е прифатлива за останатите три партии во таа коалиција. Тие дури го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да направи пераспределба во рамките на Владата, „отфикарувајќи“ ги луѓето на Таравари.
Клучното прашање е сепак како оваа одлука на Таравари ќе се одрази на владината коалиција, дали ќе предизвика реконфигурација во неа, дали ќе биде изговор за предвремени избори и дали отвора врата за ДУИ да влезе во Владата?
Според анкетите Алијансата на Таравари стои подобро од трите други членки на коалицијата. Освен тоа, неговата партија има пораширена партиска структура додека останатите делуваат локализирано, па политичката математика покажува дека му е подобро да оди сам отколку со нив на изборите. Од друга страна според коалицискиот договор на „Вреди“ сите партии би требало да добијат ист процент од власта, ама на терен состојбата не е таква.
Владината коалиција сега има 78 пратеници, но ако си заминат петтемина од Алијансата на Таравари ќе бидат 73, што е далеку од бројката за двотретинско мнозинство.
Таравари по одлуката на на врвот на партијата да одат самостојно на локалните избори рече дека тоа не значи дека ќе ја напуштат владата.
– Не планираме, бидејќи во Владата има повеќе партии, а една од нив е и Алијанса за Албанците. Така што, не гледам дека ова е причина за излегување од Владата, нагласи тој.
Но ако премиерот го побара тоа, тие ќе поднесат оставки, затоа што никогаш не им било приоритет по секоја цена да бидат дел од власта.
Барања за репреговарање на владиното партнерство
Прв од лидерите на „Вреди“ што побара репреговарање на владиното партнерство беше Биљаљ Касами, лидерот на Беса и градоначалник на Тетово. Но тој одбива можност да „падне“ Владата и да случат предвремени избори.
– Не верувам дека има елементи за предвремени избори, бидејќи парламентарното мнозинство е постабилно од кога било, иако имаме информации дека има политички субјекти и поединци кои се дел од опозицијата кои се подготвени да влезат во власта. Ја знаете и изјавата на господинот Таравари дека не е подготвен да ја напушти власта, рече Касми.
Нему му се приклучија и Изет Меџити и Зеќирија Ибрахими кои исто така од премиерот Христијан Мицкоски побараа да му се заблагодари на Таравари за учеството во Владата.
Партнерите во „Вреди“ сметаат дека одлуката на Таравари на изборите да настапи со свои советнички листи е во интерес на ДУИ. Дополнително му забележуваат и затоа што комуницира со Али Ахмети. На тоа гледаат како план на Таравари да соработува со ДУИ.
– Јас имав еден телефонски разговор со Ахмети и ништо друго, призна Таравари деновиве.
Посебно е интересно што најстрога реакција имаше Беким Ќоку, претставник на косовското Движење „Самоопределување“ (на Албин Курти) во рамките на коалицијата „Вреди“. Тој смета дека инсистирањето на посебни листи бара причина за поделба, а не за обединување. Аргументот дека на посебни листи ќе ги мерат силите во коалицијата, според Ќоку, е бесмислен. Понатаму се наведува дека „Вреди’ силите треба да ги мери само со ДУИ.
Беким Ќоку е инаку пратеник во Собранието на Македонија, официјално од листата на „Вреди“ но е делегиран од косовскиот премиер (сега во оставка) Курти.
ЗНАМ со ВМРО-ДПМНЕ обезбедува стабилно мнозинство од 64 пратеници
И за помалиот владин партнер ЗНАМ неприфатлив е владин партнер што „соработува“ со ДУИ. Секој што соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ, за ЗНАМ е неприфатливо да биде составен дел на партнерството во коешто и тие учествуваат. Според портпаролот на оваа партија, Никола Мемов, превирањата во албанскиот партнер не се закана за владејачкото мнозинство и во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои.
– Владата е стабилна, ЗНАМ и коалицијата ВМРО-ДПМНЕ обезбедуваат мнозинство од 64 пратеници и дополнително пратениците во коалицијата „Вреди“ што ја поддржуваат Владата – рече Мемов.
Порака од премиерот: Да останеме со студени глави!
За ВМРО-ДПМНЕ несогласувањата во „Вреди“ се внатрекоалициски и засега нема да влијаат врз Владата, односно ако Алијанса не биде дел од „Вреди“, таа партија сепак на „Илинденска“ ќе партиципира како четврти владин партнер.
Висок функционер од Владата за „Слободен печат“ порачал дека одлуките треба да се носат со студени глави.
– Треба со студена глава во вакви моменти да се носат одлуки. Владата е стабилна и има стабилно мнозинство – вели функционерот.