„Комитите“ не успеаја да ги обединат титулите оваа сезона: Маркони Сталионс – Рокдаел Илинден 3:0

Во големото финале на Националната премиер лига за НЈВ, што се играше минатава сабота, за жал Рокдаел Илинден не успеа да ја поврзе сезонската титула со шампионатот и беше убедливо поразен од Маркони со 3:0. Тоа беше интензивен натпревар, со многу прекини, при што двете страни наметнаа физичка игра со агресивни фаули. Уште во седмата минута се зголеми тензијата по грубиот фаул од капитенот на Маркони, Марко Јешиќ. Жртва беше Блејк Ричиуто и започна турканица меѓу двете страни, при што се формира напната атмосфера на теренот но и на стадионот CommBank.
Првата прилика пред голот се појави во 26. минута, со прекрасното додавање на Исак Данзо кој прецизно го пронајде Алек Урошевски во шеснаесетникот. Од тесен агол Урошевски упати удар кон голот, но едноставно не можеше да најде простор до мрежата.
И кога првото полувреме требаше да заврши без гол, Џејмс Темелковски со глава четири минути по судиското продолжение обезбеди драматичен прв гол за Маркони и 1:0.
Силно започна вториот дел – Рокдаел Илинден се мачеше да најде приод до голот, а Маркони направи се да го спречи ритамот на “комитите” со мешавина на груба игра и интелигентно одолговлекување.
Помина половина час, а Рокдаел немаше создадено шанса, и во 84. минута, згасна надежта, бидејќи Маркони го удвои водството преку Марко Јешиќ на 2:0. Во продолжението се играше 93 минута кога Маркони го постави конечниот резултат со голот на Мирослав Поповиќ.
По 12 години чекање, со победа од 3:0, Маркони стана шампион за 2024.

Останати вести