Концерти на маестро Симон Трпчески во Сиднеј

По две години изолација поради ковидот, на австралиската класична музичка сцена во Сиднеј беа пречекани  првите интернационални гости. Македонскиот пијанист маестро Симон Трпчески и перуанскиот диригент Мигел Харт-Бедоја настапија со Сиднејскиот симфониски оркестар (SSO) во четири концерти во Sydney Town Hall. Концертите беа отворени со премиерната изведба на “Uplift“ од австралиската композиторка Џесика Уелс. По првиот концерт кој се одржа на 4 мај, откако беше повикан на сцената со три биса, маестро Симон Трпчески пред да го отсвири Брамсовиот квартет за пијано бр. 3“ заедно со три музичари од ССО, рече: “Денеска мојата земја Македонија ја одбележува славата и смртта на нашиот водач Гоце Делчев, кој рекол ‘Светот го разбирам единствено како поле за културен натпревар меѓу народите’.“

Mаестро Симон Трпчески и Ѓурѓица Чакар

Гостувањето на маестро Симон Трпчески беше на покана на ССО по повод 90 години од формирањето и работата на оркестарот. Го свиреше Брамсовиот концерт за пијано бр. 1. Во вториот дел ССО под диригентската палка на Мигел Харт-Бедоја ја изведе Четвртата симфонија од Чајковски. Концертите беа дел од програмата на Sydney Opera House (SOH). Изведбата беше во Sydney Town Hall, старата прекрасна општинска зграда, која на некој непишан начин го дефинира центарот на Сиднеј. Извонредната акустика, гигантската оргула и целиот интериер се извонредно место за концертите и културните настани кои се изведуваа во неа во замена на SOH, а чие реновирање е во завршна фаза.

За техничката и уметничка изведба на долгиот и тежок Концерт за пијано бр. 1 музичките експерти не ги штедеа своите зборови. Steve Moffatt во “Limellight magazine“ (digital) вели: “Изведбата на Симон Трпчески на Брамсовиот концерт за пијано бр. 1 долго ќе живее во спомените на љубителите на ССО.“ Во своето понатамошно излагање тој вели: “Поетскиот сензибилитет на Трпчески беше очигледен во прекрасното Адаџо“. Уште еден еминентен музички критичар меѓу многуте, Fraser Beath McEwing (J-wire, digital) не ги штедеше своите зборови “Добро се сеќавам на неговиот рецитал во Сиднеј во јули 2018 година како врв на серијата за пијано, и со нетрпение очекував да слушнам што ќе донесе неговото експлозивно/романтично предавање на концертот на Брамс.“

Очигледно маестро Трпчески ги оправда очекувањата на McEwing, кој во продолжение напиша “…. Со други зборови, изведбата на оркестарот и солистот беше врвна.“ Секако дека мислењето на музичките критичари е многу важно за уметниците. Но најголемата вистина за настапот на маестро Симон Трпчески е реакцијата на публиката, која три пати го врати на сцената за да отсвири уште едно скратено дело на Брамс. А тој, во последниот концерт кој се одржа на 7 мај рече: “Кога доаѓам во Австралија од мојата татковина Македонија, каде ме пречекува големата македонска заедница, се чувствувам како дома кога сум далеку од дома.“ Македонија ја спомна на секој од 4-те концерти.

Македонската заедница во Сиднеј го стори токму тоа, си го пречека својот маестро во коктел-забава организирана во негова чест уште во првиот ден од неговото пристигнување. Со нас се дружеше еден прекрасен Македонец, без граници или предрасуди за своите вредности. Несебично му даде дел од своето време со разговор, прегратки и фотографирање на секој присутен на забавата.

Сликa од коктел-забавата организирана во негова чест на првиот ден од неговото пристигнување

Да се потсетиме за големината на интернационалниот, високо ценет маестро Симон Трпчески. Според она што го гледаме на сцената Симон не поседува само високи технички и уметнички музички квалитети, туку има харизматично сценско присуство. Соработувал со над сто оркестри на четири континенти, вклучувајќи го и Лондонскиот симфониски оркестар. Најзастапени во неговиот репертоар се Чајковски, Рахманинов и Брамс. Но можеби највозбудливо за нас, Македонците е неговиот проект наречен “Makedonissimo“, кој најдобро ќе го објаснат неговите зборови: “2017 година беше одбележана со почетокот на мојот најнов проект, кој го нареков ‘Македонисимо’, што значи ‘најмакедонски’, посветен на мојот македонски народ.“

Да се надеваме дека маестро Симон Трпчески со неговото наредно доаѓање во Австралија ќе ги донесе и музичарите на “Македонисимо“ и заедно ќе ни приредат едно посебно доживување, многу македонско.

Ѓурѓица Чакар

Сликa од коктел-забавата организирана во негова чест на првиот ден од неговото пристигнување

Останати вести