Помеѓу 1,047 луѓе што по повод роденденот на кралот Чарлс Трети во Австралија добија одликување минатава седмица се наоѓа и 89-годишниот Коста Ангелков од Перт, Западна Австралија. Тој како признание за неговиот исклучителен сервис и достигнување во заедницата беше одликуван со Орден на Австралија. Ангелков овој орден го доби како признание за неговата доброволна работа во македонската заедница од 1955 до денес.
Ова е големо признание за Коста Ангелков, за неговата фамилија, но и за македонската заедница во Австралија.
Ангелков е роден во 1934 година во селото Д’мбени, Костур, Егејска Македонија. На 14-годишна возраст бега од Егејска Македонија за да се спаси од војната во Грција. На 22 години доаѓа во Перт, Австралија и веднаш станува член на македонската заедница.
Од 1955 год до денес Ангелков девет години бил претседател на Македонската заедница од Западна Австралија, три години потпретседател, секретар, член на Управниот комитет, член на Одборот за градење на црквата, член на Македонскиот комитет за социјална заштита, член на Македонскиот православен црковен хор, потпретседател на Советот на етничките заедници на Западна Австралија…
Од 1950 до 1960 година Ангелков е прв човек во Западна Австралија на компанијата Transformers Pty Ltd и 30 години бил директор во Bridgeton Pty Ltd.
13 Aug 2024