Бродот за крстарење “Маџестик принцес“ пристана во Сиднеј со околу 800 патници од кои повеќето позитивни на коронавирусот, соопшти компанијата „Карневал Австралија“. На бродот „Маџестик принцес“ имало околу 4.600 патници и членови на екипажот, а случаите со ковид почнале да се појавуваат на враќање на бродот од Нов Зеланд кон Австралија. Овој случај потсети на појавата на коронавирус на бродот за крстарење „Руби принцес“ на почетокот на 2020 година, кога најмалку 900 луѓе беа позитивни, а 28 починаа.
Маргерит Фицџералд, прв човек на операторот за крстарење “Карневал Австралија“, чиј бродови се “Маџетик принцес“ и „Руби принцес“, рече дека голем број случаи почнале да се откриваат на половина пат од 12-дневното патување. Сите случаи биле или асимптоматски или благо симптоматски, рече таа.
На патниците им била укажана соодветна медицинска помош. Персоналот им помагал на сите гости со позитивен тест „со пристап до приватен превоз и сместување за да го завршат нивниот период на изолација“, рече таа.
Здравствените власти на Нов Јужен Велс објавија дека е на сила заканата од „трето ниво“, односно постои висок ризик од зараза. Австралиската министерка за надворешни работи, Клер О’Нил, објави дека протоколите за ковид се соодветни.
Бродот во понеделникот дојде и во Мелбурн, каде треба да прими нова тура патници. Оние припадници на персоналот на бродот што се позитивни се во излолација по кабините.