Полицајците дошле на имотот за да ја истражат пријавата за исчезнато лице кое се барало околу една година. Двајца се убиени во неочекуван напад, а еден бил полесно ранет. Загина и соседот кој случајно се нашол на местото на инцидентот
Вкупно шестмина од кои двајца полицајци загинаа во престрелка во руралната област на Дарлинг Даунс (Квинсленд), околу 300 километри северозападно од Бризбејн, доцна навечер во понеделникот. Во моментот на пукањето на имотот на семејството Трејн дошле четворица полицајци кои просто реагирале по пријава од Нов Јужен Велс за исчезнато лице во Виамбила.
Биле пресретнати со пукање при што полицајците Рејчел МекКроу (29) и Метју Арнолд (26) се веднаш убиени, полицаецот Рандал Кирк бил ранет во ногата и успеал да избега со колата, додека четвртата полицајка Кели Броуг била прогонувана низ шумата од вооружените лица. Кога излегол да види што се случува соседот Алан Дер (58) е ладнокрво убиен од фамилијата Трејн.
Осомничените за злосторот подоцна се убиени во повеќечасовната престрелка со полицијата. Се работи за Герет Трејн (47) и неговиот брат Натаниел (46), кој е поранешен директор на училиште во Квинсленд, сопругата на Герет, Стејси Трејн (45) – поранешна учителка на државниот колеџ Тара Шајр – кои беа убиени по интервенција на специјалците.
Властите соопштија дека мотивот останува нејасен иако има претпоставки дека напаѓачите биле поттикнати од бизарни теории на заговор.
Катарина Керол, портпаролка на полицијата во Квинсленд, изјави дека веднаш била вклучена специјалната единица која стигнала со хеликоптер. Таа додаде дека ова е најголемата загуба на животи во инциденти што се забележани во Квинсленд во последно време и им оддаде почит на полицајците кои „настрадале за да ја зачуваат заедницата безбедна“.
Министерот за полиција на Квинсленд, Марк Рајан, го опиша инцидентот како „трауматичен и катастрофален настан за заедницата“.
Австралискиот прајминистер Ентони Албанезе изјави дека ова е „тежок ден за семејствата и пријателите“ на полицајците од Квинсленд кои ги загубија животите додека ја извршуваа својата должност.