Младиот кочанчанец Мартин Кироски се залепи со самолеплива лента за бандера на плоштадот во Скопје во знак на поддршка за настраданите и повредените од пожарот во Кочани. Оваа герила акцијата беше на групата „Супорт Кочани“ а, како што истакна Мартин, со цел да допре до оние кои раководат со државата.
– Донациите се намалуваат, а семејствата на оние кои беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ имаат потреба од пари за да продолжи лекувањето на децата. Се обраќам до големите луѓе на оваа држава. Уште што треба да ни се случи на нас во Кочани за да се освестат дека тој град постои? Толку ли брзо не заборавија? Пет мои другари ми загинаа во пожарот. А пред некој ден си дојдоа деца кои немаат прсти на рацете. Тие деца ќе немаат цел живот раце. Па ако ништо друго, дај на нив да им помогнеме. Толку ли брзо не заборавивте нас од Кочани? Зошто тој град во овие 30 години никогаш не бил битен? Дајте да биде ова пример, да направиме нешто за овој град, рече кочанчанецот Мартин.Тој кажа дека пет другари му загинале во пожарот во „Пулс“.