Македонија го одбележа Илинден

Под слоганот „Борбата трае“ на Илинден се одбележаа 121 година од Илинденското востание и Крушевската република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ. Македонија го одбележа 2 Август – Денот на Републиката со пригодни настани на три локации: на Мечкин Камен кај Крушево, во меморијалнот центар Пелинце и манастирот „Св. Прохор Пчињски“ (Србија) и пред спомениците во центарот на Скопје.

На централната манифестација кај Крушево Игор Џамбазов и Амернис Нокшиќи на македонски и на албански јазик го читаа Крушевскиот манифест, а свои настапи имаа „Танец“ и Камерниот оркестар и хор од Битола.

Премиерот Христијан Мицкоски во својот говор порача дека борбата не е завршена и дека таа продолжува.

– Борбата за иднина, борбата за Македонија во рацете на народот е нашата обврска. Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Борбата продолжува, илинденците и партизаните со оружје во рака за слобода, ние со ум, визија и енергија за иднина каква заслужува секој еден човек на Македонија. И оваа борба, немаме опција да ја загубиме, и само заедно, во големо единство и со голема посветеност ќе ја добиеме, истакна тој.

Мицкоски посочи дека најважниот дел од секоја борба е единството. Но дека тоа што ќе се менуваат работите не им одговара на оние кои со децении ја краделе оваа држава, се однесувале како моќници, се заканувале, се богателе на грбот на граѓаните.

– Да ги вратиме вредностите онаму каде е место – тие кои се огрешиле кон законите да одговараат, работниците да бидат со пристојни плати, младите со шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани…Македонија повторно горда и повторно твоја – рече премиерот.

Кај меморијалниот центар во кумановско Пелинце (изграден бидејќи имаше време кога Српската црква не дозволуваше да се чествуваат Илинден и АСНОМ во манастирот „Св. Похор Пчињски“) се обрати Претседателката на Републиката Гордана Сиљановска Давкова.

– Ќе зборувам како партизанска ќерка. Илинден е ден на светлината и на слободата. На овој празник над празниците се потсетуваме на двете етапи на вековната македонска борба за слобода и за државност. Ако денес, 80 години по АСНОМ, ги прашате младите генерации кое човеково право им е најважно, верувам дека огромен дел од нив ќе речат – правото на напредок, правото на потрага по среќа. Потрагата по среќа, за мене, не е холивудско клише, туку насушна потреба на човекот осмислено да придонесува за доброто на заедницата во која и самиот припаѓа. Ова право, што најпрво било прокламирано со Американската револуција, и било потврдено со Француската револуција, било прегрнато од нашите илинденци и асномци и, преку нив, вградено во македонската република. И тоа не е случајно, бидејќи републиката постои заради граѓаните, заради вас, за да им овозможи, за да ви овозможи, да ја достигнете среќата, да создавате вредности, да напредувате не врз основа на врски, привилегии и протекции, туку само и само со врз основа на знаењето, квалитетот и способностите. Тоа е целта на постоењето на секоја република, вклучително и нашата, независна македонска република. Во 1991 година, таа беше конституирана за да „се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок”, повторувам, „напредок на личниот и заедничкиот живот – рече Сиљановска.

Таа потенцира дека секоја генерација има право и должност да го обнови духот на републиката и да го усогласи со новите околности и новите можности. Сиљановска додаде дека поклонувајќи се пред спомениците на нашите илинденци, партизани и асномци, ќе забележиме дека и покрај разликите, речиси сите имаат две нешта заеднички. Тоа се нивните идеали и нивната младост. Во минатото, младите се жртвуваа за нашата слобода. Денес, ние мора да се жртвуваме за иднината на младите.

Останати вести